Стојан Ангеловски, син на покојниот Слободан Ангеловски, кој минатиот јануари беше прегазен на мостот „Гоце Делчев“, пред судот кажа како дознал дека татко му е прегазен. Посочи и дека му се јавила Гордана Филиповиќ, која го управуваше возилото „бмв х5“, по настанот. Сведочењето на синот на покојниот дојде откога Филиповиќ рече дека не се чувствува виновна, пренесува Макфакс.
„Јас бев на работа во тој период. Преку интернет разбрав, имаше објавено за сообраќајната несреќа. Останав на работа уште еден-два часа. Потајно во себе чувствував дека може да е поврзано нешто со татко ми, дека нешто не е во ред бидејќи претходниот ден разговаравме дека тој треба да оди во ‘Водовод’. Причината беше тоа што му беше згрешено презимето. Знаев дека се наоѓа во тој реон, каде што се случи сообраќајната несреќа. Како што почнаа објавите на интернет-страниците, сè посомнително ми стана поради облеката на фотографиите. Веднаш отидов кај него дома. Го повикав неговиот најдобар другар да дојде и му кажав дека нешто ми е сомнително. По половина час, дојде полицијата на врата. Не сакав да одам на местото на несреќата, не знаев каде да се обратам и јавам, реков ќе чекам кај него дома. Бидејќи сметав дека, ако е тој, тогаш ќе дојдат кај него дома. Полицијата ми кажа дека станува збор за него, ме испратија во ПС Лисиче, каде што се неговите предмети“, изјави синот на покојниот објаснувајќи како дознал за случајот.
Му се јавила и обвинетата Филиповиќ. Според него, таа му кажала дека несреќата се случила бидејќи додека возела, не го видела татко му. Филиповиќ со Ангеловски, син на покојниот, споделила и за својата семејна трагедија пред три години кога нејзината малолетна ќерка исто така загинала во сообраќајна несреќа.
„По еден месец од несреќата, ми се јави, јас не можам да потврдам дека е обвинетата, ми се јави жена и ми се претстави како Гордана. Ми кажа дека таа е таа што ја направила сообраќајната несреќа. Не знам што разговаравме и како. Ми рече: ‘Не сакајќи се случила, дека не го видела’. Се префрли на нејзиниот период за ќерка си. Јас ја прекинав и ѝ кажав дека ова е друг предмет и друга работа, а тоа е друг предмет и друга работа. Се слушнавме уште еднаш, се договоривме да се видиме. Неколку дена по повикот, јас се разболев од корона и ѝ реков дека не можам. Таа рече дека ќе се чуеме дополнително и од тогаш ништо“, додаде тој.
На второто одржано рочиште за сообраќајната несреќа обвинетата Филиповиќ негира вина пред судот за конкретното обвинение. Таа својата невиност ќе ја докажува со вештачење. Нејзиниот адвокат во нејзино име посочи дека вештачењето ќе покаже оти голема вина за несреќата има и покојниот пешак.