Францускиот првак Пари Сен Жермен остана без еден трофеј сезонава, откако е елиминиран во осминафиналето од Купот на Франција. Светците гостуваа на „Велодром“ во Марсеј, а домаќинот Олимпик приреди вистинска фешта за своите навивачи.
Марсеј веднаш го стави моќниот ПСЖ под огромен притисок, а да не беше расположениот Донарума на голот, парижаните кои нормално немаа ниту еден Французин меѓу стартерите, многу рано ќе беа во негатива. Дури 65.200 гледачи на Велодром, што е рекордна посетеност на кој било натпревар од Купот на Франција во историјата, освен на финалето, беа сведоци на големата доминација на Марсеј.
Триумфот на домаќините беше најавен со погодкот на Санчез од пенал во 31 минута, а ПСЖ израмни преку Серхио Рамос во последните моменти од првиот дел.
Голот за победа го даде Малиновски и тоа на фантастичен начин, со шут од преку 20 метри. Кај ПСЖ во нападот беа Меси и Нејмар, а недостасуваше повредениот Мбапе.