Книгата „Крсте Петков Мисирков – македонскиот меѓник“, прво и второ изменето и дополнето издание, на македонскиот публицист, политиколог и новинар на Македонското радио – Радио Скопје, Свето Стаменов денеска беше промовирана, во чест на 70-годишнината од формирањето на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ – Скопје, но и 120-годишнината од излегувањето на книгата „За македонцките работи“ на Крсте Петков Мисирков.
Како што посочи директорката на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, проф. д-р Елена Јованова – Грујовска на денешната промоција која се одржа во просториите на Институтот, во оваа книга се собрани мудрите мисли на повеќе лингвисти, интелектуалци и мислители, и тоа на проф. д-р Васил Тоциновски, проф. д-р Људмил Спасов, проф. д-р Димитар Пандев, проф. д-р Васил Дрвошанов, проф. д-р Вера Антиќ и други професори.
Во книгата на Стаменов, посочува проф. д-р Јованова – Грујовска, може да се забележи како авторот всушност се грижи за македонскиот јазик, за македонската историја и за македонската култура, но и се забележува како нашите колеги и професори гледаат на Крсте Мисирков.
-Крсте Мисирков е основоположникот на современиот македонски јазик и правопис. Тој е автор на првата македонска книга за македонски јазик и правопис, тој е борец со мисла и перо, тој е член на Македонскиот револуционерен комитет. Крсте Мисирков не е случаен човек. Се образувал на врвни универзитети. Тој е историчар кој ги постави темелите на современата македонска национална историја, човекот кој учествуваше во развојот на македонската национална свест, додава проф. д-р Јованова – Грујовска.
Како што потенцира директорката на Институтот, книгата „За македонцките работи“ колку и да била забранувана, сепак на еден или на друг начин имала влијание врз кодифицирањето на македонскиот јазик.
-Ќе кажеме дека Крсте Мисирков е етнограф и активен македонски политичар и дипломат и публицист. Крсте Мисирков е македонски интелектуалец кој е во служба на македонскиот народ. Мисирков се појавува во времето на најсилните пропаганди на соседите кои се обидуваат да го разнебидат македонскиот народ и македонската земја. Мисирков успева во тоа, а доказ е македонската држава и македонскиот стандарден јазик, додава таа.
Според проф. д-р Васил Тоциновски кој беше промотор на книгата, Стаменов е автор со долгорочна и системска новинарска и публицистичка стратегија.
-Новото издание доаѓа како дополнување во времето и просторот каде првото публикување наскоро потоа едноставно било разграбано. Во краткиот увод Стаменов ја нагласува сопствената творечка тенденција оти и во ова второ издание, покрај нужните јазични лекторски корекции и неопхподни дополнувања тој вели „сакав да го задржам што поавтентично изговореното во етерот, односно кажаното да го претворам во пишано, без да ја загуби магијата што ја нуди неговото величество, радиото“. Тоа е негов знак на творечка идентификација, рече проф. д-р Тоциновски на промоцијата.
Авторот на книгата Свето Стаменов се заблагодари на промоторите на книгата и рече оти по два примерока од неговите изданија ќе ги остави во Институтот по повод 70 години од неговото формирање.
Инаку првото издание на книгата беше објавено во 2020 година по повод 90-годишнината од смртта на Крсте Петков Мисирков и 115–годишнината од објавувањето на неговата книга „За македонцките работи“, додека второто изменето и дополнето издание, кое беше објавено пред само два – три месеци, е посветено на 95-годишнината од смртта на Крсте Петков Мисирков.
Второто изменето и дополнето издание на „Крсте Петков Мисирков – македонскиот меѓник“, кое содржи 20 радио – интервјуа, е поделено на три дела: интервјуа посветени на 90-годишнината од смртта на Крсте Петков Мисирков, реализирани во периодот од 26 јули 2016 до 21 февруари 2017 година; интервјуа посветени на 115-годишнината од објавувањето на македонската „златна“ книга „За македонцките работи“, реализирани во периодот од 15 октомври до 19 ноември 2018 година и интервјуа посветени на 95-годишнината од смртта на Крсте Петков Мисирков, реализирани во периодот од 28 мај до 16 септември 2021 година.