Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, денеска се обрати онлајн на Втората министерска конференција на Унијата за транспорт на земјите од Медитеранот, потенцирајќи ја соработката помеѓу земјите членки во оваа Унија како многу значајна во развивање на ефикасна, интероперабилна и одржлива инфраструктурна мрежа, која носи забрзана регионална интеграција.
Министерот во своето обраќање посебен фокус даде на заложбите на Владата за забрзана интеграција во европските структури, што претставува врвен приоритет на Владата во овој момент со цел обезбедување европска иднина за земјата и значајни бенефити за сите граѓани.
„Постои силна волја на нашата Влада за тековниот процес на интеграција на земјата во европските структури, како и општа тенденција за интеграција во регионот. Како одговор на растечката меѓузависност на земјите и нивните економии, мора да се согласиме дека таквата меѓузависност и тенденција за интеграција е најочигледна во областа на транспортот, кој по својата природа е предодреден за меѓународна активност. Како земја кандидат за членство во ЕУ, Република Северна Македонија има обврска да ги усогласи сите свои политики со надворешната и транспортната политика на ЕУ.“ – изјави министерот Бочварски.
Тој исто така даде осврт и на проектите кои Министерството за транспорт и врски ги реализира со цел подобрување на инфраструктурата и унапредување на транспортот во земјата.
„Наш приоритет е проширување и модернизација на ТЕН-Т мрежата низ нашата држава. Посветени сме на подобрување на транспортната инфраструктура и фокусирани сме на активности, пред се во насока на изградба на алки што недостасуваат и санација на постојната транспортна мрежа, дел од основната мрежа на европските транспортни коридори. Тековните градби и рехабилитации на многу делници главно се финансираат преку меѓународни финансиски институции. Продолжуваме со напорите за создавање поефикасни транспортни системи, поотпорна транспортна инфраструктура и услуги, забрзано распоредување на ИТС и нови форми на мобилност, зајакнување на активностите во безбедноста на патиштата, градскиот транспорт, како и безбедноста и интероперабилноста во железничкиот сектор и унапредување на заедничката воздухопловна област во рамките на договорите за воздушен транспорт.“ – заклучи министерот Бочварски во своето обраќање.