Дополнителен армиски тим упатен во Турција

Дополнителниот армискиот состав од 36 припадници од баталјонот за специјални сили обучени за спасување и пребарување во урнатини, денеска во претпладневните часови од касарната „Илинден“ во Скопје замина во Република Туркије, каде ќе учествува во хуманитарната операција во областите кои се најмногу погодени од катастрофалните земјотреси.

На испраќањето на дополнителниот тим од Армијата, од страна на началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски им беше порачано најпрофесионално да го вложат севкупниот свој потенцијал и обученост и да помогнат на граѓаните на сојузничка Туркије.

Армискиот тим се упатува по донесената одлука на Владата за испраќање дополнителна помош, а на предлог на Министерството за одбрана.

Во меѓувреме армискиот тим, кој се наоѓа во градот Кахраманмараш, непрекинато е ангажиран во активностите за пребарување на теренот, пронаоѓање и извлекување на евентуално преживеаните, кои се наоѓаат во рушевините настанати од катастрофалните земјотреси.

Треба да знаете
Последни објави