Координаторот на пратеничката група на албанските владејачки социјалисти и висок партиски функционер, Таулант Бала, коментирајќи ја најавата на опозицијата за одржување масовен протест, обвини дека „секогаш кога Албанија и Албанците имаат важни прашања, тие го имаат Сали Бериша на протест“.
-Протестите на Сали Бериша, без разлика дали се обиди да го блокира Парламентот на Албанија или други протести, се лична агенда на еден човек, кој не може да се наметне на важната агенда на Албанија, рече Бала.
Од друга страна, Демократската партија, предводена од Бериша, денеска ја известила полицијата во Тирана за одржување на протестот во сабота, 11 февруари, на булеварот „Народни херои“, пред владата, во 12 часот.
-На плоштадот се очекува да има од 80.000 до 100.000 луѓе. Меѓу другите ќе се обратат лидерот на Демократската партија, Сали Бериша, на Партијата на слободата Илир Мета, како и претставници на граѓанското општество. За редот и безбедноста ќе се грижат 200 наши членови и симпатизери, стои во дописот.
Ова е последователен антивладин протест на опозицијата предводена од Бериша и Мета. Последниот беше одржан на 6 декември на денот кога во Тирана се одржуваше Самитот ЕУ-Западен Балкан.