Здружението на жени менаџерки „Елит“ подарија „Големо срце“ на пунктот за бездомници „Момин Поток“

Храна за 75 бездомници, топла облека, витамини, прекривки, постелнини, чаршафи, вреќи за спиење, перници, средства за лична хигиена, лекови за наредните два месеца, Здружението на жени менаџерки „Елит“донираше во пунктот за бездомници „Момин Поток“.

Со топла насмевка и убав збор претставничките на Здружението „Елит“ покажаа дека секоја подадена рака значи почит и достоинство кон секој човек, „затоа што само човек со достоинство е човек“. Оваа порака ја упати претседателката на „Елит“, Ленка Угриновска. Жените менаџерки подадоа „Големо срце“ на хуманост поаѓајќи од фактот дека секој има право на достоинствен живот без разлика на возраст, пол, расна и етничка припадност.

Здружението му искажаогромна благодарност и на тимот од Црвениот крст кои неуморно во изминатите 15 години спроведуваат хумана мисија во пунктот „Момин Поток“ покажувајќи им на сите граѓани дека сонцето еднакво грее за сите.

Во знак на почит„Елит“, оваа година по втор пат, наградата „Големо срце“ му ја додели токму на тимот на Црвениот крст кои секојдневно се на пунктот за бездомници Момин Поток.

Координаторката на тимот на Црвениот крст, Драгана Лазаревска, заблагодарувајќи му се на Здружението на жени менаџерки „Елит“ порача дека секоја помош и поддршка за нив е мотив плус и охрабрување дека нивната упорност е препознаена. Таа информираше дека здравствената-ковид кризата која предизвика и економска криза повеќе од двојно го зголемила бројот на бездомници, па така од 90 бројот на бездомни лица се искачила на над 170. Тимот посакува оваа бројка да се намалува, но и што поголем број на луѓе кои имаат можности да помагаат, затоа што поради неподадена рака најчесто од најблиските, луѓето најмногу страдаат.

Здружението на жени менаџерки „Елит“ ќе продолжи со своите хумани акции во знак на почит кон Олгица Илоска жена менаџерка, која не е веќе меѓу нас втора година, но нејзината хумана мисија продолжува да живее и преку наградата „Големо срце“ и преку секој искажан добар збор.

Треба да знаете
Последни објави