Имав состанок со сите амбсадори на ЕУ за тоа што постигнавме во 2022 и што не очекува во 2023 година, рече премиерот Димитар Ковачевски. Тој кажа дека сега државата е во поодмината фаза на скрининг процесот, а извештаите досега се позитивни.
– Следуваат патоказите од скринингот кои ќе бидат за унапредувањето на нашето општество во иднина, за полноправно членство во Унијата. Еден од тие патокази се однесува на правата на малцинствата и етничките заедници, којшто очекувам дека ќе го исполниме на највисоко ниво, бидејќи правата на заедниците кај нас се на највисоко можно ниво, дури и повисоко од земји-членки на Унијата. Ние имаме институции за правата на помалите заедници, имаме закони за помалите заедници во делот на рамноправно учество во управата, во делот на користењето на јазиците и тоа се однесува на сите заедници. Имаме и Министерство што се бави со оваа работа, рече Ковачевски.
Прашан за барањата на бугарскиот претседател Румен Радев за мониторинг над правата на заедниците, премиерот одговори:
-Барањата на било кој политичар во оваа област за нас не претставуваат никаков проблем, бидејќи правата на малцинствата кај нас се на многу повисоко ниво отколку во многу држави, вклучително и на земјите-членки. Ќе продолжиме да разговараме со Бугарија на институционално ниво за билатералните проекти, зашто за членство во Европската унија не преговараме со Бугарија, кажа Ковачевски.
Тој додаде дека се води кампања од политички партии и други центри кои се против зачленувањето на земјава во Европската унија.