Премиерот Димитар Ковачевски, заедно со министерот за економија, Крешник Бектеши, денеска беше во посета на фармацевтската компанија „Бионика Фармацеутикалс”.
За време на посетата, на премиерот Ковачевски му беше презентиран производствениот процес на компанијата, чија главна дејност е производство на лекови, медицински средства, додатоци на исхрана и козметика.
Премиерот се сретна и со менаџерскиот тим на компанијата, која брои 77 вработени и освен во државава е и извозно ориентирана.
„За секоја пофалба е она што оваа компанија успеала во изминативе дваесетина години да го постигне на македонскиот пазар, а тоа е континуирано производство и продажба на лекови, медицински средства, додатоци на исхрана и козметика. И не само во границите на државата, туку и во над 10 други држави каде ги извезува своите производи.
Како производствена компанија, „Бионика Фармацеутикалс” успеа овој свој бизнис модел да го развие со прекугранични партнерства. Уверени сме дека на компаниите сета оваа државна помош им значи бидејќи додека во светот се случуваат затворања на фирми и масовни отпуштања, ние се бориме за секое работно место, за одржување ликвидност на компаниите, за раст на домашното производство и за секаков вид на поддршка на бизнис секторот со цел да бидеме конкурентни и на регионалните и светските пазари”, истакна премиерот Ковачевски, при посетата на компанијата „Бионика Фармацеутикалс”, каде му беше презентирана и работата на стик-пек машината, набавена со државна помош.
Тој потсети на помошта која Владата ја обезбедува за потребите на бизнис секторот.
„Со цел ние како држава да ги помогнеме компаниите, согласно Законот за финансиска поддршка на инвестиции, во 2022 година исплативме рекордна државна помош во вредност од 23 милиони евра, кон 410 компании кои вработуваат над 27.000 работници. Минатата година се потпишани нови 277 договори, што е најголем број потпишани договори, од донесувањето на законот.
Навреме го донесовме и пакетот антикризни мерки во висина од над 760 милиони евра, кој е оценет како најголема државна помош во регионот, според податоците на Светската Банка”, подвлече премиерот.
Министерот за економија, Крешник Бектеши рече дека компанијата „Бионика Фармацеутикалс”, како и стотици други компании биле директно поддржани и во време на ковид кризата, со цел да се обезбеди континуитет во нивното работење.
Тој појасни дека со досегашните мерки се помогнати голем број компании.
„Креираме нови мерки се со цел да излеземе во пресрет на нашата индустрија, на нашите стопанственици, а со тоа да го зголеми бројот на вработените, а секако да имаат можност да инвестираат во нови технологии. Повеќе од 400 компании биле поддржани со мерката што ја реализиравме за зголемување на конкурентноста и дополнително над 400 компании се поддржани согласно Законот за финансиска поддршка на инвестициите.
Ова значи дека повеќе од 30 милиони евра од страна на државата, Фондот за иновативност и технолошки развој и од Министерството за економија преку Македонската банка за развој, преку различни мерки се слеани во нашата индустрија, каде што се креирани нови работни места, а дополнително на таков начин е зголемен извозот”, рече министерот Бектеши, најавувајќи дека се работи на ревидирање на законската регулатива за финансиска поддршка на инвестиции, преку широк консултативен процес со сите засегнати.
Сопственикот на „Бионика Фармацеутикалс”, Марко Нововиќ, за време на настанот, ја искажа важноста на финансиската поддршка која ја добиле од државата, односно 100.000 евра преку мерката за финансиска поддршка за зајакнување на конкурентноста на деловните субјекти во пост КОВИД -19.
„ Мерката ја искористивме за набавка на технологија за производство на цврсти фармацевтски форми, односно прашак во стикови и имплементација на софтвер согласно последните барања на добрата производствена пракса за производство на фармацевтски производи.
Овој проект нас ни овозможи да ја покачиме конкурентноста на нашите производи на сите пазари каде што сме присутни, да го зголемиме портфолиото на нашите производи и да го подобриме обезбедувањето на квалитет при производството на нашите производи”, рече сопственикот на “Бионика Фармацеутикалс”, Марко Нововиќ.
Бионика поседува сертификат за производство на лекови (ГМП) од Република Словенија, којшто е валиден за целата територија на ЕУ, што овозможува извоз на производи во земјите членки и пошироко.
Компанијата има договори со партнери за производство за различни производи од државава, Данска, Србија и Романија, како и со дистрибутери на нивните производи во регионот и пошироко.