Во согласност со декларираните заложби на најголемата опозициска партија, Кралството Холандија повикува на конструктивна соработка кон таа цел меѓу владата и парламентот, се наведува во објавата на твитер-профилот на холандската амбасада
Aмбасадорот на Кралството Холандија, Дирк Јан Коп, на денешната средба со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, ја изрази својата загриженост дека ВМРО-ДПМНЕ може да го одолжи пристапувањето на С Македонија кон ЕУ. Ова го објави амбасадата на Кралството Холандија во Скопје на својот твитер-профил.
„Во согласност со декларираните заложби на најголемата опозициска партија, Кралството Холандија повикува на конструктивна соработка кон таа цел меѓу владата и парламентот“,се додава во објавата.
За денешната средба со амбасадорот Дирк Јан Коп информираа и од ВМРО-ДПМНЕ.
„На средбата се разговараше за актуелната политичка состојба, како и за евроинтегративниот пат на Македонија“, се наведува во соопштението од опозициската партија.
Претседателот Мицкоски, пишува во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ, истакна дека односот на бугарските власти кон Македонија и негирањето на македонскиот идентитет само ја засилуваат ескалацијата на лошите односи помеѓу двете држави.
„Пристапниот пат на државата кон Европската Унија не смее да личи на пазар со земјоделски култури на кој се продава и се купува македонскиот идентитет“, рекол Мицкоски на средбата.
Мицкоски, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ, го информирал амбасадорот Јан Коп за високиот степен на корупција и криминал од високи владини функционери, како и дека граѓаните предолго се изложени на лаги од владата на СДСМ и Димитар Ковачевски, укажувајќи дека е потребноодржување предвремени парламентарни избори и нова влада со луѓе кои ќе стојат зад дадениот збор и ќе ги исполнуваат ветувањата.
Мицкоски на средбата изразил верување дека ќе продолжат соработката и партнерството меѓу двете држави.