Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш рече дека е отворен за идејата за испорака на помош во Сирија преку дополнителни гранични премини, освен преминот Баб ал-Хава – единствениот коридор за хуманитарна помош одобрен од Обединетите нации меѓу Турција и областите во северна Сирија кои се под контрола на бунтовниците.
– Се разбира, би бил многу среќен ако Советот за безбедност постигне консензус за да дозволи да се користат повеќе премини, бидејќи исто така треба да го зголемиме нашиот капацитет за изведување операции во Идлиб од Дамаск, рече Гутереш. Многу агенциите за помош кои не се на ОН веќе испорачуваат преку други премини, додаде тој.
ОН завчера соопштија дека преминот Баб ал-Хава е „всушност недопрен“, но патот што води до преминот бил оштетен од земјотресот во понеделникот, што ги отежнува напорите за помош.
Првиот конвој на Обединетите нации, составен од шест камиони, денеска премина во северна Сирија преку преминот Баб ал-Хава, соопшти Гутереш. Тој рече дека „Обединетите нации дадоа се од себе за да одговорат што е можно побргу, додавајќи дека „повеќе помош е на пат, но потребно е многу, многу повеќе“.
„Земјотресот се случи кога хуманитарната криза во северозападна Сирија веќе се влошуваше, а потребите беа на највисоко ниво од почетокот на конфликтот, рече Гутереш, опишувајќи ја очајната потреба од итна хуманитарна помош во Сирија.
– За жал свесни сме дека сè уште не сме го виделе целосниот обем на штетата и хуманитарната криза што се развива пред нашите очи, нагласи тој.
Гутереш рече дека ОН почетокот на следната недела, ќе упатaт апел за донаторска поддршка за погодените во Сирија. Тој додаде дека веќе се ослободени 25 милиони долари од Централниот фонд за вонредни состојби на ОН за Сирија, а агенциите на ОН и меѓународните и националните невладини организации ги проценуваат нивните првични барања за финансирање во следните три месеци.
– Овие ресурси ќе ги користи хуманитарната заедница за критична помош: засолништа, здравје, исхрана, вода, канализација, хигиена, образование, заштита и услуги за психосоцијална поддршка, објасни Гутереш.
Тој исто така, рече дека Мартин Грифитс, заменик-генералниот секретар на Обединетите нации за хуманитарни прашања и координатор за итна помош, веќе е во Турција за да ги процени областите погодени од земјотресот. Грифитс ќе ги посети и Газиантеп, Алепо и Дамаск за да ги процени потребите за помош.