Одложено е рочитето од судењето по тужбата од „Слобода превоз“ против ЈСП за долг од еден милион евра, поднесена во ноември лани.
Причина за одложувањето на почетокот на судскиот процес е по барање на ЈСП. Од јавното претпријатие пред судот побарале одложување бидејчи не им било завршено вештачењето.
Судот го прифатил барањето и наредното рочиште го закажа за април.
-Очекувано беше дека ова ќе се случи. Од ЈСП прават се за да се одолговлекува судењето, изјави директорот на Слобода Превоз, Ленин Јовановски.
Тој повтори дека приватните превозници со новото координативно тело почнаа да преговараат со градоналчалничката Данела Арсовска и не учествува во тој процес, ниту ќе учествува во нивните понатамошни активности.
-Го поддржувам договарањето и се надевам дека ќе се најде решение за исплата на долгот и нивно враќање на работа. Јас и „Слобода превоз“ се повлекуваме од целиот тој процес и нема да бидеме дел од она што ќе го договорат во иднина заради тоа што не сакам да бидеме изговор за било какви лични интереси или политичка конотација на сето тоа. Им посакувам среќа и успех.
„Слобода превоз“ и јас лично ќе бидеме само дел од судските процеси по однос на тужбите кои ги имаме поднесено пред надлежните судови, изјави Јовановски.
„Слобода превоз“ пред два месеци известија дека долгот постои и дека тоа го потврдила контролата на УЈП. Имено, како што велат, до нив е доставен записникот од УЈП во кој не се утврдени никакви неправилности и констатации кои водат кон промена на основата за оданочување. При контрола на сметководствената евиденција на претпријатието утврден е вистинскиот долг на ЈСП кон „Слобода Превоз’, кој заклучно со 28.11.2022 г. изнесува 61.821.504 денари.
Во меѓувреме, иако првиот чекор во решавање на проблемот со приватните превозници е направен по нивната средба со градоначалничката Данела Арсовска, скопјани и понатаму се жалат на малиот број на автобуси.
-Останува сега на нас превозниците да најдеме решение да се реформираме на одреден начин, да ги послушаме советите што ни се дадени за да се вратиме на скопските улици. Сите препораки беа во насока дека ќе се модеризира јавниот превоз во градот Скопје и ние ќе бидеме вклучени во тој дел, но се зависи и од нас. Ние треба да ги послушаме советите, ќе ги послушаме и ќе се вратиме за многу брзо на скопските улици. Официјално не е ништо договорено, но оти им се дадени насоки и треба да се координираат со колегите за деталите од средбата, но се е позитивно, изјави Јовица Зафировски, претставник на приватните превозници по средбата со Арсовска.
Според она што го кажа Зафировски, засега нема ништо од бараната средба со премиерот Ковачевски, што беше еден од условите да нема пак блокади на улиците.
Од своите изјави ретерираше и Арсовска, која велеше дека нема да преговара со уценувачи, па распиша тендер за приватните линии, на кој никој не сејави.
-Верувам дека со приватните автобуски превозници треба да се разговара и за сите проблеми да се најде решение, меѓутоа тоа во ниту еден случај не смее да биде на штета на Градот Скопје, а Градот и скопјани претрпеа сериозна штета од нивните постапки и однесување. Објавивме јавни повици на коешто викавме сите коишто имаат намера и коишто декларативно кажуваат дека и претходно чесно работеле и чесно ја вршеле својата дејност и сега да пристапат кон тоа и да можат да ја работат чесно работата во којашто практично се вложиле себеси или инвестирале за да ја вршат како дејност. Меѓутоа, за жал, никој од нив не се охрабри, не се појави на тој јавен повик, со што сметам дека оваа тема е и затворена, истакна Арсовска.