Во организација на Јапонско здружение за сеизмичка изолација (JSSI) и Институт за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС), денеска и утре, во Скопје ќе се одржи работилница на која ќе бидат разменети искуства од областа на дизајнот на сеизмички отпорни градби и примената на најсовремена технологија и стандарди.
На отворањето на настанот ќе присуствува и ќе се обрати јапонскиот амбасадор во земјава Казуја Оцука, а поздравни обраќања ќе имаат и првите луѓе на ЈССИ и на ИЗИИС, Акинобу Наказава и Влатко Шешов.
Експерти од Јапонија и од земјава на дводневниот форум ќе дебатираат на повеќе теми меѓу кои и за технологија за сеизмички изолирани конструкции во Јапонија, споредување на јапонските процедури за дизајнирање на сеизмичка изолација со процедурите на Еврокод и САД, имплементација на базна изолација во Северна Македонија. Ќе бидат презентирани и примери за висока сеизмичка изолација и контрола на вибрации кај згради, а ќе биде даден и преглед на современите светски искуства за згради со сеизмичка изолација.
Од своето основање во 1965 година, дејностите на Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС) се во насока на намалување на ризиците од катастрофи односно заштитата на населението и добрата, намалување на физичките и економските штети и заштита на социо-економските системи од дејството на земјотресите, но и од другите природни опасности. Сите активности на ИЗИИС се во доменот на подготовка на системот преку креирање конзистентна легислатива, создавање високо професионални човечки ресурси и градење капацитети за сеизмички сигурно општество.
Јапонското здружение за сеизмичка изолација е основано во 1993 година со примарна цел да ја промовира сеизмичката изолација, а со тоа да придонесе за изградба на побезбедни и поквалитетни згради, што резултира во попросперитетно општество.