Голманот на гермнаскиот фудбалски првак Баерн Минхен, Мануел Нојер ќе биде казнет со одземање на капитенската лента поради непримерни изјави во медиумите, пренесува „Билд“. Нојер оваа зима е на мета на челниците на баварскиот клуб. Најпрвин отишол на скијање кое е забрането за професионални фудбалери и успеал да си ја скрши раката поради што морал да оди на операција и да ја заврши сезоната.
Потоа следеше интервју, во кое тој ги нападна раководството на клубот и тренерот Јулијан Нагелсман како главен виновник за оставката на долгогодишниот тренер на голманите Тони Тапаловиќ, кој е негов добар пријател и со кој има кумски односи.
Челниците на клубот остро реагираа и порачаа дека е непримерно капитенот јавно да го клевети својот клуб и да го уништи неговиот углед. Германскиот Билд пишува дека Баерн за ова ќе го казни Нојер во висина од една бруто месечна плата која е 1.600.000 евра плус, а ќе му биде одземена капитенската лента.
Баерн во јануарскиот преоден рок како негова замена го доведе Јан Зомер од Менхенгладбах, а под договор е и Александар Нибел кој моментално е позајмен во Монако.