Шпанските медиуми пишуваат дека Карло Анчелоти мора да го освои Светското клупско првенство во Мароко доколку сака да ја задржи работата. Фудбалерите на Реал во сабота против Ал Хилал ќе се борат за светската круна во клупскиот фудбал.
Реал во последните пет недели и дозволи на Барселона да избега на големи осум бода предност на врвот во Ла Лига, бидејќи актуелниот шампион на Шпанија победи само на два од пет првенствени натпревари во тој период.
Шпанците пишуваат дека односот меѓу управата на Реал и Анчелоти е сериозно нарушен по убедливиот пораз од Барселона во Суперкупот. Според медиумите клупските челници повеќе немале доверба во Анчелоти и неговата способност да го извлече тимот од кризата.
„Марка“, ги наведува имињата на потенцијалните кандидати кои би можеле да го наследат Анчелоти. Реал е најблиску до избор на еден од своите поранешни играчи. Раул, Чаби Алонсо и Алваро Арбелоа се во преден план.
Најголем фаворит е Раул, кој има одлична сезона со Б тимот и ја освои Лигата на шампионите во 2020 година со јуниорите на Реал. Одби неколку понуди од силни клубови, чекајќи прилика во првиот тим на Реал.
„Алонсо го презеде Баер во октомври, го извлече тимот од криза и неговиот тренерски развој будно го следи Реал, додека Арбелоа е тренер на јуниори кои соборуваат рекорди и кои играат фудбал во кој гледачите се вљубуваат. Сите тие се кандидати за клупата на Реал“, пишува „Марка“.
Исто така не треба да се отпише ниту Зинедин Зидан. За разлика од „Марка“, некои медиуми веруваат дека Анчелоти ќе ја прифати понудата од Бразил, да го преземе националниот тим, со што Реал по трет пат би го ангажирал Зидан.