Марко Маринковиќ Слаткар веќе две децении години е меѓу најпопуларните хип-хоп музичари во Македонија. По две години пауза тој промовираше десетина нови песни, а една од нив е и „Аман аман” во чиј спот две девојки се бакнуваат. Лезбиските сцени во видеото предизвикаа негативни реакции, а Слаткар добиваше и навредливи пораки со говор на омраза.
Во интервју за Репортер.мк вели, тоа е сè дел од работата и секој има право да коментира.
„Видеото нема врска со песната, таа е направена за несреќни врски. Пред да снимаме запознав девојка што дома кажала дека има девојка и ја избркале, светот ѝ беше срушен. Нејзината судбина ме растажи и затоа сакав да ја раскажам човечката приказна. Јас имам мало дете и не знам што би можело да ме натера да си го избркам детето од дома, посебно ако е љубовен избор што мене не ми се допаѓа”, рече Слаткар за „Репортер”.
Иако не може без музика, на прво место му се сопругата Сања и синот Моша, кој наскоро ќе полни три години. За синот пишува и песна, а ќе ја промовира на неговиот роденден, со видео во кое ќе има снимки од денот кога се родил до денес.
„Моша е главен дома. Тој е палаво дете, бесно, личи физички на мене, ама во карактер цел е на Сања. Видеото го имаме во нашите телефони, снимки и негови слики, само некој треба да ги склопи. А за Сања уште првата недела знаев дека ќе ми е жена”, искрен е Слаткар.
Ни ја откри и приказната за името на синот, па вели: „Сања е Еврејка по мајка. Тие имаат седум варијации на името Мојсеј кај неа во фамилија. Моша е осми. Мене ептен ми се свиѓаше името, различно е и затоа јас предложив да се вика така”.
Низ муабетот ни откри дека не пие алкохол веќе пет години, што мисли за народната музика, ама и за љубовта со поранешната Мис на Македонија и синот кој му е најголема гордост. Раскажа и за првиот концерт во 2003 година, кога настапи во клубот „Вулкан”, детство во Лисиче каде што ги сними првите песни, но и за тоа како е да биде средно од трите деца во семејството, имал ли комплекси поради говорот, колку пцуе приватно, како му било кога првпат слушнал своја песна на радио… гледајте го видеото.