Фондот за здравствено осигурување соопшти дека правото на здравствена заштита на граѓаните не е загрозено, лекувањата, упатите за прегледите и боледувањата, издавањето на рецепти од страна на матичните лекари, како и издавањето на лекови на граѓаните, се одвива непречено и граѓаните без застој можат да ги користат овие здравствени услуги. Усогласени се и решенија за остварување на правото на итни ортопедски помагала заедно со ортопедските куќи.
– Подрачните служби на Фондот во континуитет ги примаат барањата. Покрај ова, подрачните служби се достапни и телефонски преку јавно објавени линии за информации за осигурениците, на кои истите можат да се обратат и да добијат информации во врска со сите решенија кои се усогласени со матичните лекари, а преку кои осигурениците можат да ја остварат здравствената заштита. Техничките тимови работат на најбрзо можно враќање во функција на системот за исплата на плати на здравствените работници, како би се запазиле законските рокови за исплата, како и за другите форми на исплата, односно боледувањата, породилното и рефундациите, се наведува во соопштението.
Фондот нагласува дека навремено и постојано ќе ја информира јавноста за сите нови утврдени информации што се од интерес на граѓаните.