Поради обилните снежни врнежи во поголемиот дел од Јапонија откажани се 100 летови и блокирани се десетици патишта, додека железничкиот сообраќај е во прекин, соопштија јапонските власти и авиокомпаниите и железничките компании.
Домашните авиокомпании и други компании откажаа вкупно 100 летови поради снегот, соопшти јапонското Министерство за транспорт. Делови од 31 автопат се затворени во централна и источна Јапонија, додека 54 излези од експресниот пат во Токио се блокирани, соопшти Министерството.
Железничкиот сообраќај на повеќе од десет правци во централна и источна Јапонија е во прекин или се планира да биде во прекин, се додава во соопштението за печатот.
„Источната јапонска железница“, најголемиот железнички оператор во земјата, соопшти дека брзата линија меѓу Токио и североисточната префектура Јамагата од денеска ќе биде во прекин.
Големите компании за испорака, вклучително Јамато Транспорт и Сагава Експрес, велат дека може до утре да доцнат со испораката на производите.