Алтернатива е добредојдена и нашата врата е отворена за некаква наредна соработка, не само кон оваа, туку и кон сите политички партии или пратеници што и мислат добро на државата и коишто ќе застанат зад европскиот пат на државата како наша стратешка заложба, рече пратеникот и портпарол на СДСМ Дарко Каевски одговарајќи на прашање дали очекуваат Алтернатива да остане во Владата.
Каевски на прес-конференција денеска рече дека на партијата на Африм Гаши и била понудена опција за продолжување на соработката и дека СДСМ јавно соопштил оти има намера соработката да продолжи.
-Дадовме простор и предлог-решенија со својот кадровски потенцијал да дадат придонес во коалицијата, но, за жал, не дадоа свој предлог, со што де факто одлучија да ја прекинат соработката до овој момент. Партијата е добродојдена и нашата врата е отворена за некаква наредна соработка, но не само кон Алтернатива туку и кон сите политички партии или пратеници што и мислат добро на државата и коишто ќе застанат зад европскиот пат на државата како наша стратешка заложба, рече Каевски.