Брисел ги повика Скопје и Софија да се посветат на дијалогот и да избегнуваат непотребни тензии. Додека македонските власти, чекаат да завршат изборите во Бугарија, закажани во првата недела на април, за да воспостават комуникација со новата влада, бугарскиот претседател Радев продолжува да бара поддршка од европските партнери за нејзините позиции во однос на билатералните прашања со Северна Македонија.
Европската комисија во врска со последните случувања во односите меѓу Софија и Скопје порача дека Бугарија и Северна Македонија треба да промовираат атмосфера на дијалог и да избегнуваат непотребни тензии.
– Многу внимателно го следиме развојот на настаните поврзани со односите меѓу Бугарија и Северна Македонија. Европската комисија потсетува на важноста на добрососедските односи. Во овој контекст, потребни се напори од сите страни да се промовира атмосфера на дијалог и меѓусебно почитување и да се избегнуваат непотребни тензиии, истакнале од ЕК за БНТ.
Во меѓувреме, францускиот претседател Емануел Макрон испрати писмо до шефот на македонската држава Стево Пендаровски во кое изразува честитки за постигнатиот напредок на патот кон евроинтеграциите во последната година и подвлекува дека земјата може да смета на целосна поддршка од Париз за процесот на преговори со ЕУ. Тој особено го потенцира одржувањето на првата меѓувладина конференција за земјава за пристапување кон ЕУ, нагласувајќи дека со постигнатиот договор со Бугарија, целосно се почитува македонскиот идентитет, за што доказ е договорот Фронтекс.
Во писмото Макрон потсетува на присуството на Франција во сите клучни моменти од македонската историја од периодот на воспоставување дипломатски односи меѓу двете земји се до денес.
– Ја користам оваа прилика да ви ги упатам моите најискрени желби за вас и за вашата земја и да ѝ посакам на Северна Македонија година на хармонија и натамошен напредок на нејзиниот европски пат. Од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу нашите две земји пред триесетина години, Франција секогаш беше присутна во клучните моменти од вашата историја: преку Роберт Бадентер, кој учествуваше во изготвувањето на вашиот Устав, со работата на француските дипломати и војници кои помогнаа да се спречи избувнување на граѓанска војна во раните 2000-ти и помош да се склучи Охрдискиот договор, и најпосле, во решавањето на вашиот спор со Бугарија, пишува во писмото на Макрон до претседателот Пендаровски.
Можете да сметате на мојата целосна и континуирана поддршка во текот на пристапните преговори. Со задоволство наскоро ќе дојдам во Северна Македонија, штом ми дозволи агендата, на датум што заеднички ќе го утврдиме како соодветен во поглед на политичката агенда, му пишува францускиот претседател на својот македонски колега.
Бугарскиот претседател Румен Радев, пак, на средбата со претседателот на Франција, Макрон во Брисел меѓу темите за кои разговарале ја ставил и Северна Македонија. Тој му се пожалил дека во земјава се води антибугарска кампања и дека не постои волја за уставни измени.
Радев, според бугарските медиуми, потсетил дека Бугарија и Северна Македонија ги прифатиле предлозите од преговарачката рамка на француското претседателство со Советот на ЕУ, како што е впишувањето на Бугарите во македонскиот Устав како задолжителен чекор пред почетокот на преговорите со ЕУ.
– Гледаме дека нема политичка волја за реформи и промена на Уставот, а наместо тоа во државата се води антибугарска кампања, рекол Радев.
Тој пред состанокот на Европскиот совет во Брисел, одговарајќи на новинарско прашање за последните случувања во односите меѓу Софија и Скопје и дали Бугарија планира ново вето, завчера изјави дека „во моментов сме во состојба на вето“.
– Со решението што успеавме со голем труд да го вметнеме во преговарачката рамка, преговорите ќе започнат дури откако Бугарите ќе влезат во Уставот на нашиот сосед. Тие се уште не се впишани и преговорите не се започнати. Тоа е состојба на вето, рече Радев.
Премиерот Димитар Ковачевски, од своја страна, пак, оваа изјава на Радев, ја стави во контекст на изборите во Бугарија и порача дека за влез во ЕУ, ние не преговараме со Бугарија, туку со Унијата во Брисел и вето нема да има, бидејќи ќе ги почнавме преговорите.
– Бугарија не би ја коментирал, бидејќи тие се наоѓаат во избори и таму секој дава изјава само за да собере глас плус. Кога ќе завршат изборите кај нив, во првата недела на април, ќе можеме да воспоставиме комуникација со новата влада, која што ќе ја изберат и да продолжиме со институционалната комуникација во делот на проектите кои што ги имаме на билатерално ниво, дециден беше Ковачевски.