Австралискиот ММА борец со македонско потекло, Александар Волкановски, загуби на поени од Ислам Махачев во битката за светска титула во лесна категорија.Русинот Махачев кој е од областа Дагестан и го нарекуваат наследник на Хабиб Нурмагомедов, призна дека никогаш порано не примил толку удари како утрово во Перт.
Махачев важеше за голем фаворит во борбата со Волкановски, но во октагонот битката беше рамноправана. Австралијанецот имаше импресивни моменти, зададе многу значајни удари и се одбрани од тејк-дауните на Ислам за кои е специјализиран, но тоа не му беше доволно за да му го преземе шампионскиот појас.
Волкановски беше надмоќен во последната петта рунда, но не успеа да го добие Махачев, бидејќи на крајот судиите пресудија едногласно во полза на рускиот борец.
Со овој пораз заврши серијата на Волкановски од 22 победи по ред. Ова му е прв пораз во 13-тиот настап под капата на УФЦ.