Отворено писмо од Македонски дипломатски синдикат до министерот Бујар Османи во врска со наодите на Антикорупциска комисија и потврдата на Владата за злоупотреба на основните средства на МНР
„Кога самата Влада ќе се согласи со заклучоците на Антикорупциската комисија дека сте ги злоупотребувале нашите службени возила за изборни и партиски активности на вашата партија ДУИ и со тоа сте сториле повреда на Етичкиот кодекс на Владата, тогаш навистина не знам што повеќе можам да ви кажам од, срамно е министре!
Но, тоа е само врвот на брегот од мраз. Неколку години наназад, како претседател на дипломатската синдикална организација укажувам дека со своето водење и постапки долгорочно ги разнебитувате министерството и дипломатската служба преку брутална централизација, партизација, корупција, клиентелизам и деспотизам.
Во дипломатијата мора да има нулта толеранција за корупцијата и слични злоупотреби. Таква е природата на службата. Притоа, првиот човек на едно министерство мора да биде моралната вертикала, светилник кој на останатите ќе им служи за пример и водилка. А вие водите цела една државна дипломатија, па дури годинава и претседавате со ОБСЕ, организација која во својата суштина, меѓу другото се занимава и со корупцијата, доброто владеење и севкупната демократизација.
Со кое лице ќе барате од земјите учеснички во ОБСЕ да се справуваат со корупцијата, како еден од најбитните предуслови за зајакнување на демократијата, министре? Како ќе го погледнете во очи оној амбасадор во Виена што ќе ве праша за состојбите во Македонија, кога незаконие владее во вашето министерство?
За „позајмување“ на еден туѓ автомобил се оди во затвор. За „позајмување“ на десетина автомобили, ако е сторено од висок функционер, за жал нема последици. Тоа е законски пропуст што ќе мора да се исправи.
Но, она што не може да се исправи е вашиот трајно нарушен углед министре. Време е да се прочистат Авгиевите штали на МНР.
АМБАСАДОР ЗОРАН ДАБИЌ
ПРЕТСЕДАТЕЛ НА МАКЕДОНСКИОТ ДИПЛОМАТСКИ СИНДИКАТ