Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, денеска е во пријателска посета на Република Црна Гора, каде оствари средба со претседателот на Владата Дритан Абазовиќ и потпредседателот а воедно и министерот за земјоделство, Владимир Јоковиќ .
Целта на посетата беше споделување на нашата успешна ИПАРД приказна и придобивките од иницијативата Отворен Балкан.
Во своето обраќање за медиумите, министерот Николовски ги потенцираше добрите односи кои ги негуваат двете пријателски земји и подготвеноста на нашата земја да и помогне на Црна Гора во посилно повлекување на средства од ЕУ фондовите, преку споделување на нашите искуства за успешноста на ИПАРД 2 програмата.
„Северна Македонија и Црна Гора немаат никакви отворени прашања, но имаат огромен простор да ја зголемат соработката, комуникацијата и испораката на резлутатите кон граѓаните. Токму затоа денеска разговаравме и со потпретседателот и со премиерот Абазовиќ на две теми, шампионската улога на Северна Македонија во искористеноста на ИПАРД 2 средствата во износ од 60 милиони евра односно 98 % од целокупниот буџет и со реализирани над 2000 договори” изјави министерот Николовски.
Премиерот Абазовиќ истакна дека посетата на министерот Николовски е дополнителен импулс за посилна соработка помеѓу нашите земји, особено во земјоделскиот сектор и производството на храна.
„Покрај туризмот и енергетиката, земјоделството е со најзначаен потенцијал за експанзија. Целта ни е максимално да ја искористиме таа можност во наредниот период” изјави премиерот Абазовиќ.
Потпредседателот, а воедно и црногоски министер за земјоделство, Јоковиќ кој е иницијатор на денешната средба, упати благодарност до министерот Николовски за пренесување на нашето искуство.
„Северна Македонија е регионален пример во поглед на искористеноста на фондовите од ЕУ за развој на земјоделството и поттикнување на производството. Црна Гора сака да ги усвои и примени македонските добри практики. Благодарни сме на македонските пријатели на подготвеноста да не поддржат” рече Јоковиќ
Втората тема на која се разговареше денеска е иницијативата Отворен Балкан.
„Верувам дека во многу скоро време Црна Гора ќе биде новата земја членка на Open Balkan и дека граѓаните на Црна Гора ќе ги осетат и ќе ги добијат придобивките кои што ги имаат сега македонските граѓаните и граѓаните на Албанија и на Србија” изјави министерот Николовски и при тоа ги образложи сите позитивни реазултати од отвоените граници како и идните планови за нови иницијативи кои уште повеќе ги доближат земјите членки кон остварување на нови придобивки.