Еурофарм Пелистер ремизираше 27-27 против португалскиот претставник Агуаш Санташ, не стигнувајќи до посакуваната победа со која битолчани ќе си го трасираа патот кон нокаут фазата од Лигата на Европа на ЕХФ.
Голманот Кизиќ беше херојот на битолчани со неколку извонредни интервенции, меѓу нив и онаа последната кога во завршните секунди го запре нападот за победа на гостите од Португалија.
Битолчани за прв пат посериозно се одлепија при водството од 7-4, но за момент го намалија темпото на игра, што гостите од Португалија го искористија за експресно да се вратат во мечот и да израмнат на 8-8. Во тој период Валтер се реши за тренерска смена уфрлајќи го Кизиќ, а македонскиот голман помогна „пелистерци“ повторно да се одлепат резултатски. Штета што пред самиот крај на полувремето во ситуација со двајца играчи повеќе не беше реализиран цепелин преку Костески, па Португалците со гол во самиот финиш ја намалија негативата на само еден гол (14-13) на крајот од првото полувреме.
Добрата игра во одбраната му овозможи на Еурофарм Пелистер да го одржува водството и на стартот од вториот дел, но битолчани не искористија неколку шанси посериозно да се одлешат резилтатски, по што гостите намалија на 18-17 во 40. минута од натпреварот. Португалците од пенал стигнаа и до 18-18, резултат при кој Еурофарм не искористи седмерец преку Радовиќ.
Кризата во нападот се продлабочи, па гостите од Португалија во 47. минута стигнаа и до првото водство на мечот, поведувајќи со 20-21. Валтер побара тајмаут при 20-22, но серијата промашувања продолжи. За среќа, Пелистер на голот го имаше Кизиќ, кој со две одлични одбрани спречи негативата дополнително да се зголеми, пред Хосни конечно да постигне погодок за актуелниот вицепрвак на Македонија.
Ракометарите на Агуаш Санташ со зголемена самодоверба влегоа во мечот, па на седум минути до крајот имаа водство од 22-25. Само две минути подоцна Еурофарм Пелистер се врати и со три брзи гола успеа да стигне до израмнување од 25-25, будејќи ги и навивачите во салата „Боро Чурлевски“ во Битола. Хосни промаши напад за водство при 26-26 на 90 секунди до крајот, a истиот ракометар во последната минута изнуди пенал при еден гол негатива (26-27). Пешевски мајсторски го реализираше седмерецот за 27-27, по што Португалците го имаа последниот напад на мечот. Кизиќ својата одлична партија ја комплетираше со одбранетиот удар на Сантош, за освојување на еден бод за битолчани со што македонскиот тим останува на четвртото место во групата.
Радович со пет гола беше најефикасен кај македонскиот тим, четири постигна Пешевски, а целосно потфрлија данските бекови, Хенеберг реализираше два, а новото засилување Кисум само еден гол од четири упатени шутеви.