Домаќинствата ја намалиле вкупната потрошувачката на електрична енергија во јануари за 14 %, покажуваат податоците со кои Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија располага, а се од „Електродистрибуција“. Во согласност со информациите, вкупната потрошувачка на домаќинствата во јануари годинава изнесувала над 349 GWh (349.830.666 kWh), а истиот месец минатата година била потрошена поголема количина електрична енергија и таа изнесувала 408 GWh.
„Од јануари, откако во сила е новата цена на електричната енергија, која за 99,2 % од домаќинствата е пониска, продолжува трендот на рационално користење на електричната енергија. Секој месец ги анализираме податоците и ги мериме ефектите од блок-тарифите. Во прилог се и временските услови, но факт е дека домаќинствата рационално ја користат електричната енергија, па, така, во јануари потрошувачката на домаќинствата е намалена 14 % во споредба со истиот период од минатата година“, изјави Марко Бислимоски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги.
РКЕ од 1 јануари донесе одлука, со која за 20,15 % се намали цената на електричната енергија за над 70 илјади мали фирми, кои се на регулираниот пазар, а цената за домаќинствата за првиот блок се намалува 4,11 %.