Сега е важно Украина да има доволно муниција за да се спротивстави на рускиот напад, изјави генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг на прес-конференција по дводневниот состанок на министрите за одбрана од Алијансата во Брисел.
Столтенберг додаде дека сојузниците разговарале за можностите за зголемување на производството на муниција поради огромните потреби на украинските војници.
Според него, Киев може да го сврти бранот на војната со помошта што ја даваат земјите од пактот. „Не гледаме знаци дека Русија се подготвува за мир“, додаде генералниот секретар.
Столтенберг рече дека два проценти од БДП треба да бидат минимум, а не „плафон“ за трошоците за одбрана во Алијансата.
Тој најави дека утре ќе отпатува за Турција каде едно од прашањата што ќе ги постави ќе биде за ратификацијата на Финска од Анкара и членството на Шведска во НАТО.
„Со месеци барам Турција да ги ратификува и протоколите за членство на Шведска и Финска. Ова е одлука на Анкара. Унгарија и Турција се единствените кои се уште не ги ратификувале протоколите“, истакна Столтенберг