Ѓорѓи Трендафилов, како претставник на бугарските организации во земјата, по средбата со Бујар Османи посочи дека не се согласува со извештајот на Советот на Европа, во кој е наведено дека Бугарите не се системски дискриминирани. Тој посочи дека со Османи правеле само рекапитулација на разговорите во Брисел. Смета дека односите треба да се смират до октомври кога, како што рече: „Македонија и официјално треба да ги почне преговорите за ЕУ“.
„Не сум го видел извештајот на Советот на Европа. Мое право е да не се согласам со констатацијата дека нема системска дискриминација. Но, тоа не треба да е топ-тема на нашата активност. Нашата активност ќе биде за релаксација на односите меѓу Софија и Скопје. Министерот е доста упатен во содржината на разговорите во Брисел и согласноста беше постигната дека секоја помош и поддршка се добредојдени“, изјави Трендафилов.
Тој кажа и какви барања упатил до Османи.
„Побаравме од министерот и ние да посредувавме да се смират тензиите бидејќи во експлозивна средина не може да се донесат решенија. Останува да видиме дали нашиот апел ќе вроди со плод“, додава Трендафилов.
Се зборувало и за говорот на омраза против Бугарите, но, како што додаде, не дозволиле да доминира на состанокот.
Ѓорѓи Трендафилов е и поранешен пратеник, портпарол на Владата и портпарол на Министерството за одбрана.