Во Основниот кривичен суд Скопје денеска продолжи судењето за несреќата што пред четири години се случи кај местото Ласкарци , a во која загинаа 16 лица и повеќе од 30 беа повредени.
По две одложувања на процесот, поради болест на вештото лице Зекирија Зекири, кој и денеска не се појави, судењето продолжи со испитување на останатите вештаци од тимот што го изготвил машинското супервештачење.
Како што информираше судот, вештото лице за своето отсуство известило во текот на вчерашниот ден.
– Во текот на вчерашниот ден, вештото лице Зекирија Зекири искомуницира со судот и извести дека нема да биде во можност да присуствува ниту на денешната расправа и неизвесно е кога истиот ќе може да присуствува со оглед да здравствената состојба сѐ уште не му е стабилизирана. Потребно било да изврши и други дополнителни испитувања, а особено што постојано има покачен крвен притисок поради што му е отворено и боледување, рече судијката Диана Груевска Илиевска.
Јавниот обвинител, Дарко Јакимовски, побара Судот до Јавното Обвинителство да ги достави сите списи што служеле како оправдание за отсуство на вештото лице.
– Ги барам сите списи кои што служеле како оправдание за отсуството, затоа што моите сознанија се дека вештото лице било на работа. Мислам дека ова не е одлика на професионален вештак и напоменувам дека е загрозено правото на испитување на странките во постапката, рече обвинителот.
Според она што обвинителот го рече при првото одложување на процесот, концептот на испитување се темели токму на сведочењето на конкретното вешто лице, Зекирија Зекири, кое го испрашуваше околу околностите утврдени во машинското супервештачење.
Супервештачењето што Судот го нарача во декември 2021 година беше одбиено од факултетите од државава, со објаснување дека нивните вешти лица веќе учествувале во претходното вештачење, или не се компетентни за истото. Откако факултетите одбија, предметот беше испратен во Бирото за судски вештачења кое има можност да формира тим од лиценцирани вешти лица кои ќе направат супервештачење. Супервештачењето пристигна во Кривичен во декември. Потоа настапи формално отпочнување на процесот по кое се започна со сослушување на вештите лица кои го изготвиле супервештачењето.
Обвинети во случајот за несреќата кај Ласкарци, што се случи на 13 февруари 2019 година, а во која загинаа 16 лица и над 30 беа тешко повредени, се Дурмиш Белули, сопственик на компанијата „Дурмо турс“, одговорниот за транспорт во фирмата, Ремзи Мифтари, и возачот на автобусот, Маноил Трифуновски, кои се товарат за сторени тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот. Додека, тројцата вработени во станицата за технички преглед, Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Боварски, се товарат за соучество во истото дело.
Судскиот процес за несреќата што започна во септември 2019 година го води судијката Диана Груевска Илиевска, а застапник на обвинението е јавниот обвинител, Дарко Јакимовски.