Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски во емисијата “Заспиј ако можеш” ги прокоментира информациите дека владата во Македонија била создавана под влијание на албански и косовски политичари и истакна дека во нормални услови ова е мешање во внатрешните работи во државата.
-За жал ова во овие услови тоа не може да се дефинира како класично мешање во внатрешните работи на Република Македонија, од проста причина што мешањето е на барање на премиерот. Интервенцијата и на Еди Рама и на семејството на Јашари, било на барања и на тогашниот и на барање на идниот премиер. Значи Зоран Заев и Димитар Ковачевски се јавувале кај Еди Рама да го молат да се јавува кај албанските политички партии во Македонија се со цел тие да ја поддржат владата на СДСМ и таа влада да не падне. Истото го правеле и во Косово, што значи дека толку ја понижија македонската држава и македонскиот народ, што самите бараат да има мешање во внатрешните работи на Македонија, посочи Николоски.
Тој истакна дека на следните парламентарни избори потребна е масовна, референдумска поддршка на ВМРО-ДПМНЕ, за да нема уцени од никого.
-Кога ќе се промени власта Еди Рама ќе може да сонува да се меша во Македонија и да составува влада. Тој филм после промената на власта, ни Рама, ни некој од Косово, ни било кој од соседството, нема да го гледа. Не планираме ни ние да им се мешаме на нив, но исто така нема да дозволиме да ни се мешаат во внатрешните работи, заклучи Николоски.