Во Софија денеска и утре треба да се одржи 22. состанок на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Северна Македонија и Бугарија.
Последниот состанок на комисијата беше на 17 и 18 ноември, исто така во Софија. Главна тема беше улогата и местото на Охридската архиепископија и начинот на кој таа е претставена во учебниците за VII одделение во Република Северна Македонија.
Копретседателот од македонскиот дел на комисијата Драги Ѓоргиев, тогаш изјави дека на средбата имало позитивна и конструктивна атмосфера, меѓутоа договор не бил постигнат поради недоразбирања околу изворите и различното толкување на минатото.
Денешниот состанок на мешовитата комисија се одржува во атмосфера на тензии во односите меѓу Скопје и Софија кои кулминираа на 4 ферваури.
Ѓоргиев, минатата недела оцени дека последните случувања во македонско-бугарските односи влијаат и на нејзината работа. Вели дека се забележува тенденција односите меѓу Скопје и Софија на одредени периоди циклично да бидат нападнати со цел да се наруши некој краток континуитет од мирен период.
– Не може да останеме ние имуни на тоа што се случува во општеството и сите тие политички потреси, тензии, недоразбирања, дневнополитички препукувања, кои се случуваат циклично во македонско-бугарските односи, и тие несомнено влијаат и на работата на комисијата. Речиси редовно во сите тие препукувања и политички изјави кои се даваат се спомнува и комисијата, историјата, се споменуваат темите на кои работи самата Комисија и сето тоа влијае врз атмосферата во самата комисија, изјави Ѓоргиев.
Според него, како да има тенденција да се нарушува континуитетот на мирните периоди во македонско-бугарските односи. За тоа дали може да се дојде до решение за Гоце Делчев и за другите спорни прашања, тој смета дека во актуелните услови на заладени односи, со многу висока тензија, многу тешко е комисијата да работи спокојно и мирно.
– Идејата на заедничко чествување на која било личност не само на Гоце Делчев се базира на тоа уште повеќе да ги смири и релаксира односите меѓу двете држави, да придонесе кон подобро сфаќање на двата народи и на двете општества. И таа е основната идеја не само на нашата комисија, туку и на сите комисии кои работат на ваков начин, односно покрај учебниците имаат како своја агенда и заедничко чествување одредени личности, околу кои постојат различни видувања, меѓутоа тие се споделени историски личности. Во овој момент ситуацијата мислам дека не е таква, која ќе овозможи какво било решение на комисијата, кое ќе придонесе уште повеќе да се смират односите и да тргнат во вистински правец. Така што мора политичката ситуација, политичките односи меѓу двете држави да бидат на едно високо ниво со цел и Комисијата да постигне одреден напредок, пред сè во однос на тие чувствителни теми како што е Гоце Делчев, вели Ѓоргиев.
Сепак, Ѓоргиев посочува и на она што досега го договориле македонските и бугарските историчари, а тоа е препорака за заедничко чествување меѓу двете држави за Кирил и Методиј, Климент Охридски, Наум Охридски и за цар Самуил. Во однос на препораките за учебниците, усвоени се препораки за петти клас во бугарскиот образовен систем и за шестто одделение во македонскиот образовен систем.
Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања беше формирана како резултат на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Северна Македонија и Република, потпишан на 1 август 2017 година.