Европскиот суд за човекови права со одлуката да ги отфрли жалбите за поништената аболиција од поранашнит претседател Ѓорге Иванов, оценил дека жалителите не ги искористиле сите редовни и вонредни правни лекови кои им ги нуди националното право, а за кои во предходни пресуди и одлуки судот прифатил дека се ефективни правни лекови, вели за МИА поранешната судијка во Судот во Стразбур и актуелна судијка во Врховниот суд, Мирјана Лазарова-Трајковска.
-Денеска ЕСЧП одлучи со одлука да ги отфрли жалбите во врска со можни повреди на правото на правично судење на жалителите кои се повикаа на дадените па повлечени помилувања. Ова од причина што, Судот може да прифати случај само откако ќе бидат исцрпени сите домашни правни средства, и во рок кој во време на поднесувањето бил шест месеци сметано од датумот на кој е донесена конечната одлука од страна на националните власти, изјави Лазарова-Трајковска.
Ваквата одлука на Судот, како што посочува, може да влијае само во однос на преиспитување од страна на жалителите дали се уште останале можности за покренување на правни лекови пред националните судови или во некои постапки тие рокови се поминати.
Таа појаснува дека во секој степен од постапката, Судот може да одлучи да отфрли определена жалба од списокот на предмети.
-Во конкретниот случај, иако жалбата, по оценка на Судот била дека жалбите треба да се отфрлат поради неисцрпеност на домашните правни лекови и можел да ги отфрли жалбите и во рана фаза на поднесување во фoрмација од Комитет од тројца судии, тој сепак предметот го одлучил во совет од седум судии заради неговата комплексност и важност за подносителите на жалбите но и за националните власти, нагласува судијката Лазарова-Трајковска.
Европскиот суд за човекови права во Стразбур денска ја отфрли како недопуштена, жалбата за поништената аболиција на поранешниот претседател Ѓорге Иванов од 2016 година со која беа помилувани 56 лица осомничени и осудени во повеќе предмети што ги водеше Специјално јавно обвинителство, меѓу кои и поранешниот премиер Никола Груевски, министерот за транспорт и врски во неговата влада Миле Јанакиески, министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, поранешниот директор на УЈП Сашо Мијалков и други тогашни државни функционери.
ЕСЧП одлучуваше по жалбата поднесена од осумина граѓани на Република Северна Македонија од 2020 година. Станува збор за аболицијата на поранешниот претседател Ѓорге Иванов од април 2016 година. Во 2016 година Уставниот суд ги укина законските измени од 2009 година во кои се избриша член 11, што му даде можност на претседателот да дава аболиција и без спроведување на постапката за помилување.
Веднаш по одлуката на Уставниот суд, Иванов одлучи да ги помилува тогашните функционери од ВМРО-ДПМНЕ, што доведе до масовни протести. По реакциите во јавноста, беа донесени измени на Законот за помилување со што се отвори простор за повлекување на аболициите.