По спроведена истражна постапка, Основното јавно обвинителство Скопје до надлежниот суд поднесе обвинителни акти во два предмети за кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 од Кривичниот законик.
Во првиот случај, 32-годишен скопјанец e обвинет, бидејќи на 3 февруари, во продавница за производи за домашни миленици неовластено држел наркотична дрога и психотропни супстанции – вкупно 90,68 грама марихуана, 11,4 грама амфетамин во грутчеста и прашкаста форма, 85 таблети 3,4-метилен-диоксиметафетамин (МДМА), како и дополнителни 24,09 грама од таа психотропна супстанција. При претресот биле одземени и две дигитални ваги на кои се регистрирани траги од МДМА, кокаин и тетрахидроканабинол.
Второто обвинение е против 29-годишник кој на 4 февруари, на улицата „Методија Митевски“ во Скопје, како сопатник на задно седиште во автомобил, неовластено пренесувал 507,4 грама наркотична дрога – марихуана, во поголема ќеса. При претрес на возилото, полициски службеници ја откриле и ја одзеле дрогата наменета за неовластена продажба.
Оценувајќи дека и натаму постојат основите заради кои на двајцата обвинети им беше првично определена мерка притвор, надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за продолжување на притворската мерка.