Холивуд остана без Ракел Велч, една од најубавите жени на сите времиња

Ракел Велч почина на 82-годишна возраст по кратко боледување, јавуваат странските медиуми.

Нејзиното семејство ја потврди трагичната вест за „ТМЗ“.

Актерката ветеранка се прослави во 60-тите со улогите во филмовите „Милион години пред Христ“ (One Million Years B.C.) и „Фантастично патување“ (Fantastic Voyage).

Актерката, со повеќе од 70 филмски и телевизиски улоги, започна како портпарол во естрадната емисија „Холивудска палата“ и доби мала улога во филмот на Елвис Присли Roustabout во 1964 година.

Нејзината кариера тргна нагоре две години подоцна, по објавувањето на научно-фантастичниот филм „Фантастично патување“ и „Милион години пред Христ“, праисториска драма во која Велч глуми пештерска жена. Фотографиите во крзнено бикини набргу станаа темел на маркетинг-кампањата на филмот, а Велч ја претворија во глобален секс-симбол.

Кариерата на Велч во ТВ и филм траеше со децении. Во доцните 60-ти следуваа голем број главни улоги, вклучувајќи ги и вестерните Bandolero! и 100 Rifles.

Ракел доби „Златен глобус“ за најдобра актерка во мјузикл/комедија за улогата во филмот „Тројцата мускетари“ во 1974 година.

Таа беше еден од најголемите секс-симболи во Холивуд.

Треба да знаете
Последни објави