Русија губи најмалку две илјади војници на секои 100 метри територија што успева да ја освои во источна Украина, објави британски „Тајмс“ повикувајќи се на извештај на разузнавачките служби на членките на НАТО.
Во извештајот не се наведува дали во таа бројка има и ранети војници, но познато е дека ваквата процена била претставена на неодамнешниот состанок на министрите за одбрана на членките на НАТО.
На состанокот се разговарало за испраќање западно оружје во Украина со цел да му се овозможи на Киев да ги потисне руските сили во следните три месеци. Американскиот министер за одбрана, Лојд Остин, на тој состанок изјави дека руските копнени сили на истокот на Украина се „деморализирани“ и „трпат огромни загуби“.
„Русија продолжува да испраќа големи количини дополнителни ресурси и работна сила во битката. Повеќето војници што ги испраќа се слабо опремени и обучени поради што руските сили трпат големи загуби“, рече тој.
Според податоците на Генералштабот на украинската армија, Русите изгубиле околу 140.000 војници од почетокот на инвазијата.