Герила акција по вчерашната одлука во Стразбур: „Ќе си лежите“ (ФОТО)

На надвозникот кај мостот „Гоце Делчев“ во Скопје утрово се појави транспарент на кој пишува „Ќе си лежите“.

Пораката доаѓа по синоќешната одлука на Евроспскиот суд за човекови права во Стразбур (ЕСЧП) предметите на СЈО за кои поранешниот претседател Ѓорѓе Иванов даде, па ја повлече аболицијата, ќе продолжат пред домашните судови.

Со аболицијата на Иванов во 2016 беа опфатени 54 лица

ЕСЧП ги отфрли жалбите на Груевски, Мијалков, Јанкуовска, Јанакиевски, Талевски и останатите како „недопуштени“ и „преуранети“.

„Имајќи ја предвид надлежноста на Врховниот суд и потенцијалните последици врз пресудите на личностите или пресудите од пониските судови, прашање кое може да има директно и сериозно влијание врз утврдувањето на кривичната пријава, судот веќе утврди дека тој правен лек е дел од веќе добро воспоставените процесни мерки, кои може да се сметаат како ефикасен правен лек за жалбите под Член 6 кога таквите жалби се важечки“ – соопшти Европскиот суд за човекови права.

Жалбата до Стразбур беше поднесена во 2017 година а главната забелешка на обвинетите од СЈО беше дека еднаш дадена аболиција не може да биде отповикана.

Владата на Република Северна Македонија вчера ја поздрави одлуката која е во полза на државата и потврдува дека жалбите на апликантите во целост се прогласени за недозволени вклучително и во делот за наводните помилувања.

Аргументите на Владата во однос на недозволеноста на апликациите се целосно уважени од страна на ЕСЧП. Спротивно на тврдењата на апликантите, ЕСЧП не утврдува прекршување на Европската Конвенција за заштита на човековите права (ЕКЧП).

„Како држава членка на Советот на Европа, Владата ја користи оваа прилика да ја повтори својата посветеност и кон владеењето на правото и на Европската конвенција за човекови права и вредностите кои ја поткрепуваат. Како држава која води преговори со ЕУ со крајна цел полноправно членство на Северна Македонија во Унијата, посочуваме дека владеењето на правото е еден од највисоките приоритети“, посочија од Владата.

ВМРО-ДПМНЕ изгуби во Стразбур, и нивниот обид за ништење на правната држава, уште еднаш, се покажа неуспешен. Аргументите на државата во однос на недозволеноста на апликациите победија и се уважени, кажаа пак од Владејачката СДСМ.

„Оваа одлука е важна, бидејќи Судот во Стразбур не констатира прекршување на човековите права во кривичниот прогон на членовите на поранешниот политички естаблишмент од ВМРО-ДПМНЕ, кој ја доведе Република Северна Македонија во состојба на заробена држава. Напротив, Судот смета дека нивните наводи се недозволени“, истакнаа од Бихаќка.

Претседателот Стево Пендаровски, исто така, ја поздрави, одлуката на Европскиот суд за човекови права во Стразбур донесена утрово, со која тужбата против Република Северна Македонија е отфрлена.

-По објавувањето на одлуката од страна на Европскиот суд за човекови права, претседателот ја разгледа со советничкиот тим и смета дека сите засегнати со постапките поведени од страна на обвинителството и судовите во државата, треба своите права да си ги остваруваат пред домашните институции, како што е наведено и во одлуката на Судот во Стразбур.

Во оваа смисла, сите постапки пред домашните судови продолжуваат до нивно конечно завршување, односно исцрпување на сите правни средства согласно правните прописи на нашата држава, порачуваат од Кабинетот на претседателот.

Со денешната одлука основано биле гонети 56 лица кои беа аболирани од поранешниот претседател Ѓорѓе Иванов. Според Судот во Стразбур, апликациите се недопустливи, односно осудените и обвинетите не ги исцрпиле сите домашни правни лекови.

Треба да знаете
Последни објави