На телефонот „Ало, Бушавко“ децата најчесто пријавувале вознемиреност, лутина, врсничко насилство

Mенталното здравје е најзастапениот проблем со кој биле засегнати децата и младите, укажуваат наодите од работата на имот на „Ало Бушавко“ телефонот за деца и млади и главните причини за јавувања во текот на минатата година.

Добивај вести на вибер

Резултатите од истражувањето беа презентирани на прес-конференција од страна на Детската амбасада „Меѓаши“.

Во текот на минатата година биле добиени вкупно 357 повици додека вкупниот број деца и млади кои се опфатени со случаите изнесува 450, од кои 139 машки, 134 женски деца, а за 177 деца не е познат полот. Според возрасната група, најмногу од дојавите се однесувале на деца на возраст од 7 до 9 години.

Најголем процент од обраќањата 35 отсто се засегнати со проблеми што влијаат врз менталното здравје на децата, а тоа се манифестира преку емоционална вознемиреност поврзана со искуството на лутина или фрустрација.

„Како главен причинител за ваквата психолошка состојба кај децата во дојавите што ги добивме е односот на родителите што произлегува од бракоразводите, но и интерперсоналните односи во образовниот процес (врсник – врсник, наставник – ученик). Во вкупниот број забележани проблеми категоријата повреди, во која спаѓаат сите видови насилтво, злоупотреба и занемарување, учествува со 25 отсто. Проблемите од категоријата „семејни односи“ учествуваат со 17 првенти во вкупниот број проблеми. Голем број деца, дури 145 се регистрирани во оваа категорија проблеми, а се однесуваат на проблемот со прекршување на правото на детето при бракоразводни постапки и непочитување на решенијата од центрите за социјална работа“, истакнаа од Детската амбасада.

До родителите и наставниот кадар како најблиски до децата, порачаа ако ги забележат симптомите на одреден проблем директно да реагираат, но уште поважно да превенираат вакви состојби кај децата. Особено препораката е до стручните служби во училиштата, и основните и средните, да посветат поголемо внимание на менталното здравје на децата и да понудат повеќе содржини и активности преку кои ќе се обработуваат теми од важност за менталното здравје.

Образовните институции, да водат грижа за атмосферата на безбедност и да нудат програми, активности и содржини преку кои ќе се подигнува свеста за штетните последици од насилството и да градат култура на мир и ненасилство.

Целосниот извештај може да го преземете од веб страницата на Првата детска амбасада Меѓаши, на овој линк.

Треба да знаете
Последни објави