Северна Кореја денеска се закани дека ќе преземе „невиден постојан, силен одговор“ доколку Јужна Кореја и САД продолжат со планираните воени вежби, обвинувајќи ги сојузниците за подигање на тензиите во регионот.
Во изјавата пренесена од државниот медиум КЦНА, Министерството за надворешни работи на Северна Кореја наведува дека ќе разгледа дополнителна воена акција доколку Советот за безбедност на ОН под влијание на Соединетите Американски Држави продолжи да врши притисок врз Пјонгјанг.
Изјавата дојде додека Јужна Кореја и САД се подготвуваат за годишни воени вежби како дел од напорите за подобро спротивставување на растечките нуклеарни и ракетни закани на Северна Кореја.
Министерството за одбрана на Сеул денеска соопшти дека Јужна Кореја и САД ќе одржат симулациски вежби во Вашингтон следната недела и редовни пролетни вежби наречени „Штит на слободата“, следниот месец во Јужна Кореја.
Во новиот одбранбен документ Јужна Кореја го нарече северниот сосед „непријател“, термин што го употреби првпат по шест години, сигнализирајќи ново заострување на односите со Пјонгјанг.