Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска од Минхен, каде учествува на 59. Минхенска конференција за безбедност, порача дека добиле уште една нота со намера една земја да го повлече признавањето на Косово, но не може да го открие името, бидејќи договорот бил да се чека десет дена за официјалното објавување.
„Клучна тема во речиси сите разговори беше дијалогот со Приштина“, рече Вучиќ по средбите со Емануел Макрон, Олаф Шолц, Кирјакос Мицотакис и други европски лидери и додаде дека смета оти добро ги застапува интересите на Србија.
„Имавме многу добри разговори со британските и грчките пријатели, но и со Германците, Французите и Американците. Добро е што дојдовме овде да ја зацврстиме нашата позиција. Разговаравме и за ЗСО и што рековме дека ќе го направиме за да го спроведеме планот за Косово. Сите знаат кои линии Србија не сака да ги помине. Бевме многу прецизни и јасни“, рече Вучиќ.