Градоначалникот на општина Куманово Максим Димитриевски во мега интервјуто за печатениот медиум Фокус потенцира дека моменталната политичка ситуација на односите меѓу Македонија и Бугарија, или „слабиот и силниот”, или земја кандидат за членство во ЕУ и членка на ЕУ, е резултат на досегашната погрешна и површна политика на нашите влади во изминатите шест години.
„Тотално фијаско на нашата дипломатија која е резултат на непрофесионализмот и недостаток на искуство поради растурениот дипломатски државен капацитет кој се растура со децении наназад поради незапомнета партизација низ која поминавме во дипломатскиот сектор и газење преку дипломатите од кариера. Таквиот однос го зема својот данок, всушност поради тоа денеска имаме резултат на вакви лоши меѓудржавни договори и предлози коишто штетат на нашите државни и национални интереси. Јас знам дека меѓудржавни договори и умешност за креирање на добрососедски односи се компромис. Но, кога истиот е едностран, тогаш е погубен и штетен. Тогаш тоа не е компромис, туку е очигледен притисок којшто во нашиот случај е евидентен”, вели Димитриевски.
Тој порачува дека силно се залага за политика на реципроцитет и промовира веќе подолг период декларација позади која ќе застанат сите релевантни македонски политички субјекти, каде ќе бидат испишани нашите национални црвени линии, а со тоа ќе се засили и преговарачката позиција и сега, и секогаш во иднина.
„Нашата Македонија географски и цивилизациски припаѓа во Европската Унија и ние друг пат и избор немаме. Тоа е нашата стратешка цел и по тоа прашање постои консензус од сите политички партии во Македонија. Јас, сите ние не сакаме да припаѓаме на Западен Балкан – феномен кој што дефинира дел од југоисточна Европа по мое толкување “на некои лоши момци” кои што чекаат пред портите на Европа. Ние сме родени на европскиот континент и сме дел од Европа. Таа треба како наш традиционален партнер, не правејќи разлика помеѓу нас и останатите, час поскоро да ја прифати таа реалност, да не прими, и да изнајде начин како ќе ги спречи поголемите членки на Унијата да не го спречуваат прогресот на помалите, бидејќи во спротивно доколку е пасивна на овој план ќе се остави простор граѓаните да бараат други алтернативи во меѓународните односи, а под тој граѓански притисок да попуштат и актуелните политички елити бидејќи нив ги бираат граѓаните”, истакнува Димитриевски.
Во интервјуто за Фокус, Димитриевски вели дека Македонија има своја стратешка цел во ЕУ атланските интеграции, географски и цивилизациски припаѓа на Европската Унија и ние друг пат или избор немаме.
„Не знам зошто мојата реторика претставува проблем за некого. Од кога тоа во Македонија патриотизмот е ерес? За мене, да се сака државата е патриотизам, да се брани нацијата и јазикот е патриотизам, да се негува историјата е патриотизам. Обратно треба да се постави прашањето. Кој е тој што не чувствува во себе патриотизам? Во јавноста од повеќе партии и личности беа поставувани повеќе прашања. Себеси се сметам за искрен, директен, јасен и прецизен политичар. На таков начин ги изнесувам и споделувам со граѓаните моите ставови и мислам дека тоа е единствениот исправен пат. За да нема никакви дилеми би сакал да направам ретроспектива на моите ставови. Бев сериозен подржувач и искрено верував во политиката на мојата тогашна партија СДСМ – „живот за сите”. Сметав дека таа политика ќе обезбеди рамноправност, правда и солидарност за сите граѓани подеднакво. Верував во Влада без корупција, верував во Влада и визија која ќе овозможи подобар живот и стандард за граѓаните. Во тоа време во Македонија владееше диктаторски режим предводен од Никола Груевски, државата беше поделена, изолирана и руинирана, а владата корумпирана. Паролата „Нема правда, нема мир”, за мене е важечка и до ден денес. За жал, голем дел од раководството на тогаш мојата СДСМ која влезе во новата Влада предводена од Заев и малата група околу него ништо од тоа не исполни. Напротив, стана софистицирана варијанта на режимот на Груевски. Односно стана се против што се борев. Во раното практикување на Власта јавно, но и во партиски рамки се спротивставував на одредени политики во различни области (образование, здравство, труд и социјална политика, безбедност, државни и национални интереси и др.)”, посочува Димитриевски.
Тој потсети дека првично бил сменет од позиција на извршен одбор во партијата во 2018 година, заедно со професорот Петар Атанасов, а подоцна и од член на централен одбор на партијата.
„Јас ги спротиставив моите ставови со раководството во партијата кога тие практикуваа апсолутна власт и на централно и на локално ниво. Поради тоа имаше повеќе обиди за моја прикриена политичка елиминација низ различни форми на лажни кривични пријави, монтирани истраги и други обиди за кои јавноста знае, а тоа е потврдено и за некои од нив се водат постапки против лица кои што се актери во тие дејствија пред надлежни судови. Договорот за добрососедство, пријателство и соработка помеѓу Македонија и Бугарија е една од главните причини за мое разидување со тогашното раководство на мојата партија, односно Владата. Морам да нагласам дека тој договор беше потпишан и чуван во тајност, набрзина, без соодветна дебата во јавноста и недостаток на расправа во партијата и јавноста. Едноставно на тогашното раководство му текна да потпише меѓудржавен договор без да направи консултации со раководството на партијата, да отвори расправа помеѓу членството и во јавноста белким сметаа дека прават договор помеѓу два субјекти од кои едниот е нивна лична своина”, вели Димитриевски.
Во јавноста овој договор беше предмет на критики, особено во делот кој се однесуваше на наводно „заедничката историја”.
„Но, сепак можам да констатирам дека реакцијата на јавноста не беше доволно силна за да се спречи потпишувањето на овој договор. Веднаш по потпишувањето на договорот следеа пораки кои го негираа постоењето на македонскиот народ, од тогашниот министер за одбрана на Р. Бугарија господинот Каракачанов, за кои веднаш реагирав во јавноста и во знак на протест го вратив орденот кој претходно ми беше доделен токму од него. Несреќното интервју на тогашниот Премиер, господинот Заев, за бугарската телевизија БГНЕС, ја прели чашата и ние де факто тука за првпат и официјално тргнавме секој по својот пат. Потоа, од разни европретставници доаѓаа неколку предлози за можно решение кое ќе го отвори патот на Македонија кон ЕУ и сите беа одбиени од нашата влада, вклучувајќи го и францускиот предлог”, додава Димитриевски.