Иако според статистиката на центрите за социјална работа, бројот на жртви на семејно насилство лани се намалил за 4,3 проценти во однос на 2021-ва, од стартот на оваа 2023 година зачестија насловите во медиумите за нападнати, силувани, претепани, па дури и убиени жени.
Според доц. д-р Мирјана Јовановска Стојановска, претседателка на Комората на психолози, насилството врз жените секогаш било присутно само што денеска полесно се доаѓа до информации за сторените дела, а и жртвите почесто го пријавуваат. Сепак, вели таа, се уште ова што го слушаме е само врв на едeн огромен леден брег составен од насилство, болка, повреди, трауми за кои никој нема да дознае освен оние што се директни учесници во тоа.
-Во нашето општество се уште мажот е тој на кого агресивното однесување му е дозволено и не е казниво. Жените се уште се третираат како помалку вреден дел од општеството кои буквално им служат на мажите и сите нивни дејствија треба да бидат во правец на одржување, поддржување, одгледување на мажот. Некаде во себе ова „правило“ го носат и жените затоа што го добиваат од своите мајки и татковци, а поддржани од социјалната средина каде што пораснале. Тешко е да се надминат вакви врежани пораки, вели Јовановска Стојановска во изјава за МИА.
Од Платформата за родова еднаквост за МИА истакнуваат дека наместо да се искоренува, насилството се прелева во сите сфери на нашето постоење.
– Така ни се случи и „Јавна соба“, а по неа и уште неколку слични каде што огромен број на девојки и жени против своја волја беа мета на сексуално вознемирување онлајн. Колку протести и реакции требаше да се случат пред надлежните да преземат што било? Изрекувајќи ја најниската можна казна конкретно за „Јавна соба“, каква порака испрати државата до жртвите, ама и до сите момчиња и мажи во земјава?, прашуваат од Платформата.
Изминатиот период, како што потенцираат, сведоци сме на случаи каде што центрите за социјална работа доделуваа старателство на сторители на насилство. Постојат и примери каде што носат одлука за надзор на родителската улога на жртвата наместо на сторителот или, пак, не постапуваат со должно внимание кон пријавениот случај.
Колку за илустрација, како што посочуваат, многу често се случува полицијата воопшто да не преземе ништо при пријава на насилство или да го третира насилството како прекршок поврзан со нарушување на редот и мирот, а не како кривично дело.
Од Министерството за труд и социјална политика добивме одговор дека се прават тримесечни извештаи за семејно насилство на ниво на држава, а со оглед на тоа дека сме втор месец од годинава, не располагаат со информации за бројот на жртви од семејно насилство за годинава.
Жените се повеќе пријавуваат, но насилството не се намалува
Јовановска Стојановска смета дека жените длабоко во себе се чувствуваат помалку вредни и се ставаат во улога на жртва, а ако се наоѓа некој во улога на жртва, тогаш и такви се и нејзините постапки.
-Жената после траумата ќе се повлече. Самата ќе се окривува себе си за она што се случило. Ќе биде потоната во срам и вина и нема да преземе ништо да го пријави делото. Некогаш насилството го прифаќаат како своја судбина или како казна за нив, а се тоа води насилството да не се пријавува. За тоа кажуваат многу оправдувања зошто не пријавиле „заради децата, заради семејството, заради угледот, заради комшиите“, вели Јовановска Стојановска.
Според Платформата за родова еднаквост, бројни се причините зошто жените не го пријавуваат насилството, но во суштина, како што потенцираат, се сведуваат на фактот дека држава што не постапува е држава што силува.
-Реално, токму ваквите медиумски наслови се показател дека жртвите сè повеќе пријавуваат насилство, но насилството нималку не се намалува. Тоа покажува дека системот на превенција и заштита не функционира, велат од Платформата за МИА.
Но, додаваат, далеку од тоа дека насилството го пријавуваат сите жртви. Најголемата причина за непријавувањето, како што посочуваат, е непостапувањето на институциите што води кон нормализирање на насилството и жртвите ниту се охрабрени да пријават насилство, ниту веруваат дека ќе добијат соодветна заштита.
-Ваквиот став е оправдан и поткрепен и од фактичката состојба од терен. Колку за дополнување, во поголемиот дел од регионите нема специјализирани локални советувалишта кои ќе им бидат најблиското место каде што ќе можат не само да се обратат, туку и да добијат охрабрување и вистинска поддршка да се справат со насилството и да поминат низ институционалниот лавиринт. За потсетување, државата имаше обврска да обезбеди вакви достапни сервиси во најмалку 10 градови до 2023 година, наведуваат од Платформата.
Институциите потфрлаат во полето на заштитата
Од Платформата за родова еднаквост за МИА нагласуваат дека ги згрозува апатијата на институциите кои не само што не се способни да работат на превенција на родово заснованото насилство, туку и целосно потфрлаат во полето на заштита, што води до најекстремниот облик на насилство врз жените – фемицидот.
-Без сериозен пристап и мултисекторска вклученост на сите надлежни институции – што бара многу повеќе напор и работа од заедничко фотографирање со портокалови шалчиња додека траат ноемвриските 16 дена активизам за борба против насилството врз жените – насилството ќе станува сè почеста тема во медиумите, а сторителите на насилство сè поохрабрени затоа што санкции нема, нагласуваат од Платформата.
Оттаму посочуваат дека постојат и голем број на случаи кои укажуваат на нефункционален систем на постапување при пријава на случај.
– Колку за илустрација, многу често се случува полицијата воопшто да не преземе ништо при пријава на насилство или да го третира насилството како прекршок поврзан со нарушување на редот и мирот, а не како кривично дело. Виктимизацијата на жртвите од страна на полицијата, здравствените установи и другите институции кои треба да се прва линија на заштита од насилството е тукуречи редовна пракса, наведуваат од Платформата.
Тие се на ставот дека привремените мерки не се изрекуваат навреме – како на пример, забрана за пристап, одземање на огненото оружје или отстранување на сторителот од домот – со што се одржуваат условите за да се повтори насилството.
-Јавното обвинителство и судовите, исто така, имаат огромна одговорност во нормализирањето на насилството: наместо неодложно и темелно расчистување и постапување по случаи на насилство, сведоци сме на инертност, непостапување или, пак, донесување скандалозни судски одлуки без донесување какви било или со минимални санкции за сериозни кривични дела, велат од Платформата.
Насилството остава долгорочни и недогледни последици
Според Платформата, неспорно е дека насилството остава тешки последици врз жртвите, независно за каков тип на насилство станува збор.
-Покрај константниот стрес од живеење во состојба на страв и неизвесност, што само по себе предизвикува огромна штета кај жртвата, насилството долготрајно влијае врз емоционалното, психолошкото, физичкото, сексуалното и репродуктивното здравје и благосостојба на жените. Неретко се одразува и на финансиската стабилност. Поинаку кажано, насилството го нарушува секој сегмент од животот и нормалното секојдневно функционирање на жртвата, потенцираат од Платформата за родова еднаквост за МИА.
Самообвинување, срам, изолација, недостаток на самодоверба и доверба кон другите се меѓу најчестите проблеми коишто ги предизвикува искусеното насилство, а коишто најчесто и ја обесхрабруваат жртвата да го пријави.
– Ситуацијата е уште посложена кај жртвите кои трпат долгогодишно насилство бидејќи доаѓа до таканаречена „нормализација“ на насилството. Поради немање помош и поддршка, жртвата ја перципира ситуацијата како безизлезна и останува да живее во секојдневен терор прифаќајќи го како нормален, со надеж дека сторителот сам ќе го промени однесувањето и дека семејните или партнерските околности ќе се подобрат, нагласуваат од Платформата.
Оттаму потенцираат дека размерот, тежината, видот и влијанието на насилството се специфични и засебни за секоја индивидуа која претрпела или сѐ уште трпи насилство. Дека последиците се разорни и влијаат на целиот натамошен тек на животот е факт што не може да се негира.
И Јовановска Стојановска е на ставот дека последиците кај жените што претрпеле насилство се несогледливи. Таа вели дека сите полиња на функцинирање на жената се пореметуваат.
-Когнитивно има потешкотии со концентрација, со мисловниот тек. Емоционално пробува да ја се справи со ураганот од емоции предизвикани од насилството на сосем неадекватни начини. Во однесувањето има промени и во донесувањето одлуки и во односот кон себе си и кон другите. Жената која била изожена на насилство има ниска самодоверба и променет однос кон своето тело. Не е ретко да прави погрешни избори за себе си. И сето ова трае со години или можеби целиот живот, вели за МИА Јовановска Стојановска.
Жртвите мора да побараат поддршка
Знаејќи каква е стиуацијата на терен, од Платформата испраќаат порака жртвите на семејното насилство да се обратат до најблискиот центар на граѓанските организации кои нудат психосоцијална поддршка и правна помош.
Доколку во близина нема вакви сервиси, телефонски да побараат поддршка, за да можат безбедно да разговараат за својот проблем и да се види како најдобро да се постапи во нивниот случај.
-Насилството е сериозен проблем и исклучително сложен феномен, но мора да знаат дека не се виновни за насилството. И уште поважно, дека не се сами, потенцираат од Платформата.
И психологот Јовановска Стојановска со порака жртвите да најдат начин како да излезат од насилството.
– Не мора вака да живеете! Побарајте начини како да излезете од насилството. Се на овој свет постои и за вас, вели Јовановска Стојановска.
Според податоците од центрите за социјална работа, новоевидентирани жртви на семејно насилство за 2022 година се 1 543 лица, од кои најголем дел се жени – 1 074, мажи – 252 и 227 деца. За споредба, во 2021 година, бројот на жртви на семејно насилство бил 1 608.
Најпријавувано е психолошкото насилство, потоа физичкото насилство, има шест случаи на сексуално насилство, а неретко е и економското насилство.
Во делот на типот на насилството, најголем дел од жртвите биле жртви на психолошко насилство – 1 051 жртва, после психолошкото насилство доаѓа физичкото насилство со 846 жртви. Има пријава на сексуално насилство од страна на шест жртви и 25 жртви се жртви на економското насилство.
Согласно податоците, како сторители на семејно насилство се евидентирани 1.382 лица, од кои најголем дел се мажи, односно 1.258, а 114 се жени.
За денеска во 15 часот од платформата „Медуза“ најавуваат собир пред Министерството за внатрешни работи од каде ќе побараат одговорност од надлежните институции, бидејќи, како што посочуваат, не се чувствуваат безбедно во своите градови.
-Полициските службеници повторно се покажаа неспособни и недораснати кога станува збор за жртвите на родово базирано насилство. Последниот случај со пријава на сексуален напад, кој во медиумите стана познат како „дивиот таксист кој ѝ избега на полицијата” по илјадити пат укажа на истите недостатоци на институционална поддршка на жртвите кои пријавуваат родово засновано насилство. Овој случај е еден од многуте во кои видовме како системски и општествено се потфрла кога станува збор за безбедноста и благосостојбата на девојките и жените во земјата, објавија од Платформата „Медуза“.