Спасовски: Заштитата од хакерски напади треба да е приоритет за секоја институција

За справување со хакерските напади како еден од клучните современи безбедносни предизвици многу е важна превенцијата, односно превентивните мерки што се преземаат од страна на институциите за заштита на електронските податоци, а поради разорноста на последиците од ваквите напади, тоа треба да биде главен приоритет на раководителите на институциите, смета министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

-Да се преземаат мерки во однос на хакерските напади. Сите тие хакерски напади се пријавени и се врши истрага во овој дел. Меѓутоа многу е важно сите институции да преземаме предвремени мерки за заштита на електронските податоци и на електронските системи затоа што најевтино е токму вложувањето во превенцијата. Се друго е многу потешко понатаму кога ќе ни се случуваат. Иако ова е нешто што преставува еден сериозен предизвик. Вие знаете дека јас често говорам за предизвиците кои што ќе не следат со годините. Покрај миграцијата, еден од клучните предизвици ќе биде и тероризмот, а хакерските напади се токму дел од тие терористички напади кои што се прават, вели министерот Спасовски на новинарско прашање по одбележувањето на 18 февруари, Денот на Одделот за заштита на определени личности и објекти при Бирото за јавна безбедност во МВР.

Во однос на тоа дали се направени анализи за безбедноста на електронските податоци на институциите и колку се тие безбедни, тој истакна дека треба да се има предвид дека системите за електронска заштита треба постојано да се осовременуваат, бидејќи најбрзо се менуваат.

-Ако имате денеска најнов систем на заштита тоа не значи дека тој систем ќе биде релевантен после шест месеци или после година дена. Во таа смисла треба да се обновуваат тие системи кај сите институции и да се преземаат низа на активности кои што тоа ќе го прават во континуитет на дневна основа. Колку ние направивме како Министерство за внатрешни работи за заштита на електронските податоци за државата не само за МВР, говори фактот на изградба на ИКТ Центарот во Прилеп кој што е со таа намена да ги заштити електронските податоци, да има бекап на тие електронски податоци не само за МВР туку и за други институции и веќе склучуваме договори со нив за тие да бидат обезбедени. Не станува збор дали ќе бидат тие податоци токму во тој ИКТ центар, меѓутоа сите раководители на институциите треба основен приоритет тоа да им биде. Заради тоа што не ние, државите во Европа и во светот многу малку посветија внмимание на заштита на електронските системи, на спречувањето на ваквите напади кои што ни се случуваат, а гледаме дека по разорност тие можат да бидат многу поголеми, позначајни и од конвенционалните напади. Така што е важно тој систем, пред се, критичната инфраструктура да биде целосно заштитена, рече министерот за вантрешни работи Спасовски.

Треба да знаете
Последни објави