Српското куче Зиги кое помогна во спасувањето на 17-годишно девојче за време на спасувачката операција во Турција заминува во заслужена пензија. Зиги има девет години, а неговиот старател спасителот Мили Радојевиќ вели дека двајцата нема да се разделат.
Неговиот човечки колега раскажа како Зиги помогнал во пронаоѓањето на живот под урнатините.
„Објектот беше срушен, во долниот дел имаше елементи каде што може да струи некој воздух и кучето може да го лоцира мирисот таму. Зиги не реагираше како и обично, кога ќе го почувствува мирисот тој лае, укажува на изворот на мирисот. Овојпат не лаеше, туку ми даде до знаење дека нешто се случува, се враќаше на истото место, душкаше и бараше помош од мене. Таму има многу мириси, од хемии во домаќинството, специфичниот мирис на мртви тела на целата руина, што го збунува кучето. Но, познавајќи го, пренесов дека има нешто таму, дека некој е жив“ изјави Радојевиќ.
Српскиот спасувачки тим спаси три животи по кобниот земјотрес во Турција и се врати во Србија. За тамошните медиуми изјавија дека потрагата по преживеани изгледала како трагање за игла во сено, но не дозволиле да изгубат надеж.