Кошаркарите на МЗТ Скопје по 11. пат го освоија трофејот во Купот на Македонија – „Благоја Георгиевски – Буштур“ откако во финалето го совлада тимот на дебитантот во завршните натпревари Феникс со 89:73. Тимот на МЗТ повторно е најтрофеен во ова натпреварување надминувајќи го пак Работнички кој има десет куп-титули.
Избраниците на тренерот Драган Николиќ фуриозно го почнаа мечот, брзо дојдоа до двоцифрена предност, а во првата четвртина стасаа и до предност од 17 поени (25-8).
Но наместо убедлива победа во салата СРЦ „Кале“ на сцена стапија кошаркарите на Феникс. Предводени од Бојан Трајковски и Ивица Димчевски на кпои им се придодаде и новакот Марјан Јанески, тимот на Феникс полека ја топеше предноста на МЗТ Скопје и во финишот од мечот стигна на само четири поени негатива (64:60). Ова го вклучи алармот кај тимот на МЗТ Скопје кој брзо возврати со серија 9:1 и повторно обезбеди двоцифрена предност (73:61), која им донесе мирна завршница.
Страхиња Миќовиќ со 20 поени и седум скока беше прво име во составот на новиот куп-победник, а веднаш зад него беше Војдан Стојановски со 16 поени и осум скока. За одбележување е и настапот на Дастин Вер со 13 поени и осум асистенции. Трајковски со 22 и Димчевски со 21 поен беа најефикасни кај Феникс.
За МВП на турнирот е прогласен Војдан Стојановски.
Во предигра на машкото финале, женскиот тим на МЗТ Скопје Аеродром го победи Баскет Кам и за прв пат во својата историја го освои вредниот трофеј.