Премиерот Димитар Ковачевски вели дека после 17 години чекање, Северна Македонија ги отпочна преговорите со ЕУ и тие преговори се започнати како и за сите други држави, со скрининг фазата.
-Ние веќе отпочнавме со билатералниот скрининг каде поглавје по поглавје, сектор по сектор, ресор по ресор се разгледува нашето законодавство, примената на законодавството, примената на институциите итн. Самиот скрининг процес тече во насока на завршување според планот, некаде пред крајот на оваа година. Позитивни сигнали доаѓаат од Брисел, од нашите преговарачки тимови дека процесот ќе заврши во најдобар ред, а тоа значи дека на крајот ќе добиеме извештај во којшто точно ќе се знае кои области треба да ги унапредиме, кои закони треба да се направат, кои реформи треба да се спроведат во државата, кажа Ковачевски во интервју за МИА.
Тој додаде дека што се однесува до самите преговори, државата не преговара со Бугарија, туку со ЕУ.
-Не би ги коментирал изјавите на бугарските политичари, бидејќи тие се наоѓаат во кампања. Така што, тие за секој глас се подготвени да дадат било каква изјава, со оглед на тоа дека се константно во избори и се обидуваат да собираат гласови на секои шест месеци и затоа не би ги коментирал изјавите ниту на нивниот претстадел ниту на другите кандидати за други функции во Бугарија истакна премиерот.
Според него, кога во Бугарија имаше политичка Влада, а тоа беше Владата на премиерот Петков, односите со Бугарија биле унапредени на исклучително високо ниво.
-Се разговараше на теми кои се однесуваат на иднината. Вие знаете дека имаме работни групи кои разговараа за инфраструктурата, за евроинтеграции, за образование и култура итн. И како резултат на тие разговори и атмосфера која се креираше успеавме да постигнеме договор со сите 27 земји членки на ЕУ и да ги отпочнеме преговорите. Во моментов и во Бугарија и кај нас има поединци и групи па и политички партии кои не сакаат да го видат регионот интегриран во ЕУ. Тие поединци, политички партии и групи за жал се финансирани и поттикнати од трети страни, односно од држави кои исто така не сакаат да го видат регионот интегриран во ЕУ. Тоа веќе на сите им е јасно. Затоа на официјалните институции и на Бугарија и на Северна Македонија им останува да продолжат со комуникација, која комуникација треба да се базира на институционална комуникација, на задржување на достоинството на институциите и граѓаните на двете држави и доколку продолжиме во таква насока, тогаш ќе имаме односи со соседна Бугарија исто како што имаме и односи со соседна Србија, Грција и со Албанија. Исто така би сакал да истакнам дека нашите односи со Бугарија имаат и друга димензија. Тоа е економска димензија. Димензија во соработка во однос на стратешки проекти, да не заборавиме дека во време на најголемата економска и енергетска криза заедно со бугарските власти успеавме да го зголемиме капацитетот на единствениот интерконектор кој во моментов го имаме и со тоа да се овозможи либерализација на снабдувањето со гас на државата. Тука секако дека помагаа и други партнери од НАТО, пред се САД во делот на подзаконската регулатива, во делот на водењето на преговорите за зголемувањето на капацитетот на самиот гасовод којшто оди преку Бугарија во Северна Македонија. Тоа се исто така се теми кои се значајни за граѓаните на нашата држава меѓутоа значајни и за соработката меѓу двете држави. Доколку работиме во таа насока, на теми и на проекти кои ги зближуваат граѓаните тогаш јас верувам дека и односите меѓу двете држави ќе бидат на ниво коешто е достојно на две соседни држави кои се членки на НАТО, партнери во НАТО и кои ќе бидат партнери и во ЕУ наскоро, рече Ковачевски.