До 22 февруари 2023 година е отворен повикот за аплицирање на Школата за политики при Претседателскиот центар за политичко образование.
Школата за политики за 2023 година ќе биде организирана во духот на демократските политички вредности, промоцијата и заштитата на човековите права и слободи, политичкиот плурализам, меѓусебната толеранција, заедништвото и солидарноста. Во таа насока, Школата ќе настојува да ги поврзе учесниците со различно професионално искуство, кои имаат желба со своите знаења и вештини да придонесат за позитивен развој на општеството, во рамки на пет едукативни семинари со еминентни предавачи и обучувачи од државата и од странство.
Учесниците на Школата за политики за 2023 година ќе имаат можност да:
– ги унапредат своите знаења на темите демократија, одржлив развој, евроинтеграции и комуникации, притоа разбирајќи го процесот на креирање политики;
– следат предавања и интерактивни работилници од врвни домашни и меѓународни експерти;
– работат индивидуално и во групи со истакнати поединци – нивни врсници од општествениот и политичкиот живот во државата;
– ги зајакнат своите комуникациски, лидерски и меки вештини;
– имаат пристап до актуелна литература на темите и да следат општествени дебати на истите;
– остварат значајни контакти и да се вмрежат со експерти од областите кои ги опфаќа Школата.
Школата ќе се одржи во периодот од март до ноември 2023 година, за време на викендите. Присуството на сите пет едукативни семинари е задолжително. Учесниците кои ќе ја завршат Школата ќе се стекнат со сертификат.
Услови за учество:
– возраст од 21 ‒ 35 години;
– државјанство на Република Северна Македонија;
– работно познавање на англиски јазик, познавање на друг странски јазик ќе се смета за предност;
– истакнато учество во општествениот и/или политичкиот и/или економскиот живот во државата, поттикнувајќи позитивни промени;
– солидни познавања на општествената терминологија;
– работното искуство ќе се смета за предност.
Потребни документи за апликација:
– Пријава која може да се симне на следниот линк;
– Биографија во облик на Europass CV;
– Две препораки од професори/работодавачи/ соработници, релевантни за тематиката на Школата;
– Есеј на англиски јазик на зададена тема по избор: 1. „Мојот придонес за позитивни промени во нашата држава” или 2. „Мојата визија за демократскиот развој на Северна Македонија”.
Повеќе информации за Школата за политики за 2023 година при Претседателскиот центар за политичко образование се достапни на следниот линк.
Селектираните кандидати може да бидат повикани на усно интервју, кое би се одржало во живо или онлајн, зависно од моменталната здравствена ситуација во државата во време на пандемија со COVID-19.
Како услов за учество на Школата за политики за 2023 година, избраните кандидати за учесници на Школата ќе потпишат изјава за задолжително присуство на сите последователни едукативни семинари, согласно Годишната програма за работа на Претседателскиот центар за политичко образование за 2023 година.
Целосната апликација треба да се испрати најдоцна до 22 февруари 2023 година на l.matevska@president.mk.
За повеќе информации заШколата за политики за 2023 година, Ве молиме погледнете го документот со „Често поставувани прашања” во прилог.
Претседателскиот центар за политичко образование цели да организира инклузивни и пристапни настани кои ќе овозможат сите учесници, вклучувајќи ги и лицата со попреченост, целосно да учествуваат. Доколку имате потреба од повеќе информации за пристапноста на настаните или апликацијата, можете да нѐ контактирате на l.matevska@president.mk.
* Право на учество ќе имаат пријавените кандидати кои ги исполнуваат наведените услови и ќе достават целосна и навремена апликација.
** Трошоците за семинарите и за хотелското сместување при Школата за политики за 2023 година ќе бидат покриени од страна на Претседателскиот центар за политичко образование и партнерските организации. Едукативните семинари ќе бидат одржани во согласност со протоколите за работа во време на пандемија со COVID-19, изготвени од Комисијата за заразни болести и усвоени од Владата на Република Северна Македонија.