Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска денеска по повод Меѓународниот ден на социјална правда имаше отворен ден за посета на граѓани од ранливи категории.
По тој повод таа порачува дека, социјална правда имаме кога се отстранети бариерите со кои се соочуваме врз основа на пол, возраст, етничка припадност и попреченост.
– Кога зборуваме за социјална правда, зборуваме за сите политики и мерки кои значат вработување, искоренување на сиромаштијата, социјална вклученост, градење на поправедно и вистински хумано општество за сите наши граѓани, порачала Тренчевска.
Како што информираат од МТСП, на средбата со Анабела и Горде кои живеат во станбените единици на НВО „Порака-Волково“, се разговарало за живеењето во заедницата, за нивната ангажираност во продажбата на списанието „Лице в лице“, за секојдневието и дружењето со другите членови од Порака, за нивните желби и планови.
Преку процесот на деинституционализација во нашата држава воспоставени се 53 станбени единици за живеење со поддршка за деца и лица со попреченост. Во следниот период планирано е отворање на три нови станбени единици во Скопје во рамки на Јавната установа Завод за рехабилитација на деца и млади. Процесот особено се интензивира од воспоставувањето на социјалната реформа.
Министерката Тренчевска се сретна со една од жените жртви на семејно насилство, која по претрпеното насилство од својот сопруг била загрижена и заштитена во засолниште. За време на нејзиниот престој во центарот за жртви на семејно насилство, пружана и е психосоцијална поддршка, како и подршка околу зајакнување на нејзините капацитети и околу вработување. Денеска, велат од МТСП, таа живее слободно, работи и се грижи за своето дете.
– Родово базираното насилство врз жените и семејното насилство се јавува во сите општества дури и во најразвиените држави можеби некаде е повидливо, а некаде затскриено, но тоа постои и затоа пред него не смееме ниту да молчиме, ниту да го игнорираме. Напротив, треба да ја подигнуваме свеста за негово препознавање и постапување, нагласува министерката Тренчевска.
Целта е специјализираните сервиси да бидат достапни на целата територија на државата. Центри за жртви на семејно насилство и родово базирано насилство (засолниште) под МТСП се 9, и уште 5 од граѓански сектор. Ги покриваат сите 8 плански региони на РСМ.
– На ниво на држава имаме воспоставено и 10 советувалишта за жртви на семејно насилство кои опфаќаат седум плански региони. Истовремено се работи и со сторителите на насилство, за таа цел имаме воспоставено осум советувалишта. Преку овој сервис директно влијаеме на спречување на секундарната виктимизација на жртвите на насилство, се вели во соопштението од МТСП.
Во посета на кабинетот била и жена – без сопствен дом која веќе неколку години е сместена во Центар за сместување на бездомни лица „Чичино село“, заедно со своите две малолетни деца. Тука тие покрај кров над глава, добиваат и три оброци, хигиенски пакети, лекови, училишен прибор. На двете жени им беше посочено дека можат да аплицираат и за социјален стан кои ги обезедува Владата за ранливи категории граѓани.
– Владата на Република Северна Македонија, посветено работи на политики и мерки кои го унапредуваат животот на граѓаните, со акцент на најранливите. За тоа потврдуваат: зголемувањето на минималната плата за два и пол пати, изградба и проширување на 76 градинки низ целата држава, за прв пат во историјата на нашата држава обезбеден е надомест за мајчинство за жените земјоделки, зголемена Гарантираната минимална помош за 300 отсто, воведен е детски и образовен додаток за 70 илјади деца, обезбедена е социјална сигурност за повеќе од 10 илјади стари лица преку социјална пензија, обезбедени се лични и образовни асистенти за над 1000 деца со попреченост, воспоставена е помош и нега во домот за над 700 стари лица во нивните домови и зголемена е пензијата за околу 25 проценти за само една календарска година, истакнала Тренчевска на средбата.