Што стои зад зајакнувањето на еврото во однос на доларот?

Еврото претрпе удар во 2022, пагајќи во однос на американскиот долар како последица на енергетската криза во Европа. Заедничката европска валута сега зајакнува што ќе придонесе во справувањето со инфлацијата во регионот.

Еврото надомести поголем дел од загубите предизвикани од растот на американскиот долар кој се случи по руската инвазија на Украина и енергетската криза. Едно евро сега е 1,07 американски долари, што е за 13% повеќе споредено со минатиот септември кога падна на 0,95 долари што беше најниско ниво во последниве 20 години.

Повторното заживување на заедничката европска валута се должи на падот на цените на енергенсите, со што се ублажени стравувањата од рецесија во еврозоната и на тоа што Европската централна банка продолжува агресивно да ги зголемува каматните стапки.

Опоравувањето на еврото исто така се должи и на слабеењето на доларот поради тоа што Американската централна банка го успорува темпото на монетарно затегање како одговор на олабавувањето на инфлацијата.

„Очекувањата на пазарот околу сериозноста на кризата во Европа пред само три месеци беа многу екстремни…премногу шпекуланти ‘играа’ на картата дека ќе следи вистински лоша криза во Европа што произлегува од војната во Украина и енергетската криза,“ вели за ДВ, Вирај Пател, економски аналитичар на „Ванда рисрч“. „Тоа едноставно не се случи“, додава тој.

Како дојде до тоа воопшто толку да падне вредноста на еврото?

2022 беше турбулентна за еврото откако војната во Украина и санкциите од Западот против Русија ја втурнаа Европа во досега невидена енергетска криза. Цените на природниот гас се искачија на рекордно ниво, попречувајќи го кревкото економско заздравување по пандемијата. Влошените економски прогнози, вклучително и растечката инфлација и зголемените трошоци за задолжување, ги поттикнаа економистите да проектираат длабока рецесија во еврозоната, што го повлече еврото надолу.

Додека еврозоната го понесе најголемиот товар од енергетската криза поради нејзините блиски економски врски со Москва, економската неизвесност се прошири и врз глобалната економија. Тоа влијаеше врз инвеститорите да се врзат за доларот што личеше како најбезбедна опција. Доларот континуирано растеше во однос на еврото. Европската валута настрада и поради првичната неподготвеност на Европската централна банка да ги зголеми каматните стапки. Тоа значи дека клучните стапки во еврозоната паднаа под оние во САД, каде што Американската централна банка уште претходно интервенираше со агресивни зголемувања. Повисоките приноси во САД ги привлекоа и странските инвеститори што пак влијаеше врз раст на доларот.

„На пазарите владееше чувство како ‘да нема друга алтернатива’ освен доларот и поради тоа доларот стана толку силен,“ вели Андреас Кониг, првиот човек на инвестицискиот фонд „Амунди“.

Зошто порасна еврото?

Растот на еврото во последниве месеци е доста поврзано и со благата зима во Европа. Потоплото време од нормално за овој период од годинава, заедно со напорите да се намали потрошувачката на гас, не само што ја намали загриженоста околу можните рестрикции на струја и рационализирање на енергијата, туку ги заузда и цените на природниот гас.

Тоа што енергетската ситуација излезе подобро од очекувањата ги подобри и перспективите на индустриите во регионот, што сугерира дека еврозоната може и да избегне рецесија. Еврозоната забележа изненадувачки раст на производството во четвртиот квартал од 2022 година. Еврото е поддржано и од цврстата политика на ЕЦБ. Централната банка продолжува агресивно да ги зголемува каматните стапки за да ја запре инфлацијата, која се уште останува висока, додека Американската централна банка малку ги подзабавува.

„Тоа што каматните стапки во Европа растат побрзо од САД, му оди во корист на еврото и врз привлекување на капитал и од други страни во еврозоната,“ вели за ДВ, Карстен Брзески, економски експерт за Германија и Австрија во ИНГ.

Еврото исто така доби сила и поради трендот на слабеење на доларот. Американската валута во последниве месеци падна во однос на други светски валути, вклучително и во однос на британската фунта и јапонскиот јен, бидејќи ублажувањето на инфлаторниот притисок во САД и даде на Американската централна банка малку простор за да го подзабави агресивниот монетарен пристап.

Како посилно евро ќе влијае врз економијата?

Силно евро ќе помогне да се намали инфлацијата со поефтини увози, на големо олеснување на ЕЦБ. Увозот на нафта и гас и други потребштини кои најчесто се продаваат во долари, па ако доларот заслабе, тие стануваат поефтини изразени во евро.

Од друга страна, исто така и извозот ќе стане поскап што ќе влијае лошо на растот во извозно ориентирани земји како Германија. Но, Брзески вели дека еврото не е дојдено до ниво да претставува опасност за европските експорти.

„Негативното влијание би требало да биде многу ограничено,” рече тој. „Тоа може да биде и надоместено ако на пример повторно се отвори Кина бидејќи тогаш ќе има поголема побарувачка за европски производи, без разлика на тоа што се случува со валутата.”

За европските туристи во САД посилно евро ќе значи дека нивната валута има многу посилна куповна моќ отколку што беше во септември минатата година.

Какви се прогнозите за еврото?

Прогнозите за еврото остануваат неизвесни со оглед на тоа дека европската економија сѐ уште не е излезена од кризата. И натаму постои опасност од повисоки цени на енергенсите, војната во Украина е во ек, а рецесија не може да се исклучи. Повеќето аналитичари се согласуваат дека еврото нема да порасте многу од нивото што го има годинава. Кениг и Брзески сметаат дека еврото ќе флуктуира меѓу 1.05 и 1.10 долари во 2023 година.

„Еврото го помина полесниот дел од патот,” вели Пател. „Во моментов се многу проблематични околности, исто и во следните 6-12 месеца, посебно во случај на рецесија”, оценува Пател.

Треба да знаете
Последни објави