Вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска денеска остварила средба со хрватската амбасадорка Нивес Тигањ, на која разговарале за соработката меѓу двете земји, но и за евроинтеграцискиот пат на Северна Македонија.
Вицепремиерката Грковска изразила благодарност за поддршката што Хрватска и ја дава на нашата држава во процесот на преговорите со Европската Унија, особено за експертската поддршка, имајќи го предвид искуството на Хрватска низ овие процеси.
– Вицепремиерката Грковска информираше дека нејзиниот Кабинет го координира процесот на дигитална трансформација на општеството и нагласи дека во моментов фокусот е особено на издавање на електронска лична карта и на законот за архивско работење. Истовремено, додаде таа, се реализира и координацијата на институциите што се надлежни за справување со корупцијата, со цел да овозможат брзи и ефикасни реформи и имплементирање на антикорупциски политики, информираат од Кабинетот на вицепремиерката.
Амбасадорката Тигањ истакнала дека Хрватска е наш голем поддржувач и нагласила дека стојат на располагање за експертска поддршка во текот на преговарачкиот процес.
Соговорничките изразиле взаемно задоволство од односот што двете држави го имаат кон малцинствата од Северна Македонија и од Хрватска.