МКЦ е функционална институција и тоа навистина им пречи на многумина, оценува музичарот Мирко Попов во интервју на „НоваТВ“.
-Најголемиот број од македонските институции постојат „ради реда“. Седат ништо не работат, земаат плата и чекаат да помине времето. МКЦ Скопје го нарушува тоа правило, ја ништи таа комоција на нашата граѓанска мрзоволност. МКЦ е функционална институција и тоа навистина им пречи на многумина. Оттаму и тенденцијата да ја уништат. Спонтан е нагонот на актуелната градска власт да го збрише ова јадро на младинска, општествена, креативна и уметничка слобода. Да се уништи се што е пристојно во градов и земјава и да се стави под коруптивна контрола. Да нема бранување, особено не позитивно. Да скапеме во мизеријата на криминалниот поредок. Тоа е планот, вели Попов.
Сепак тој истакна дека од друга страна има прекрасна млада генерација која стои како жив ѕид пред налетот на тоа лудило.
-Рамо до рамо со нив и целата алтернативна уметничка сцена на овој град, знаете, оние обесправени, омаловажени, брутално непочитувани и ефтино платени креатори на современата македонска жива култура. Ситуација „ние против нив“: повторно и повторно. Историјата ќе оцени и процени и верувајте ми, ќе биде немилосрдна, кажа Попов.