„Меѓународниот ден на мајчиниот јазик е ден за промовирање на лингвистичката и културната разновидност и мултилингвизмот. Прогласен е на 30-та седница на генералната конференција на УНЕСКО во 1999-та година а е во врска со настаните од 21 февруари 1952-та година кога студентите од источен Пакистан членови на организацијата движење за бенгалскиот јазик одржаа големи протести”, рече Гоце Цветановски на денешната трибина насловена „Македонскиот јазик е бисерен ѓердан”.
Цветановски посочи дека Европската Унија е Унија на држави од различни нации но со голема и силна традиција.
„ЕУ е Унија на држави од различни нации, но има голема и силна традиција. Затоа овде прашањето на националните идентитети мора да биде решено и тоа на праведен принцип за да нема незадоволни членови. Во член 22 од повелбата за основни права на унијата се вели дека Унијата ќе ја почитува културната, верската и јазичната разновидност. Но дали е таков примерот со македонскиот народ и јазик, за жал одговорот е не”, вели Цветановски.
Според професорката Елка Јачева Улчар македонскиот јазик треба да се негува бидејќи тоа е јазикот на кој творат и говорат Македонците и не треба никој да го оспорува.
„Никој ништо не му може на нашиот јазик. Ќе живее тој се додека е жив и последниот Македонец. А, Македонецот е како пиреј и веќе со децении ечи рефренскиот исказ на нашиот голем Петре Андреевски. А, пирејот, тоа е троскротна трева, па ти колку сакаш корни го, куби го, тој пак ќе расте и ќе се шири. Ете тоа е она што го забораваат оние наши т.н. браќа во сите свои Извештаи упатени до ЕУ кои се однесуваат на Македонија, на Македонците, и на македонскиот јазик”, истакна проф. Јачева Улчар.
Јачева Улчар додаде дека македонскиот јазик му припаѓа на големото семејство словенски јазици во подгрупата на јужнословенските.
„Меѓународниот семинар за македонски јазик во своето шест децениско постоење е навистина расадник на македонисти во странство. И мислам дека тука државата навистина треба да удри акценти и да ги поддржи пред се финансиски”, порача Јачева Улчар.
Професорот д-р Зоранчо Малинов во текот на трибината нагласи дека Институтот за фолклор е задолжен да го негува, да го заштитува и да го чува фолклорот на македонскиот народ.
„Во архивот на нашиот Институт има 4.000 магнетофонски ленти со снимен аудио материјал на фолклорна граѓа, етнолошка, итн. доминантно е фолклорот на македонскиот народ имаме и по неколку десетици од албанскиот, од турскиот, влашкиот народ во Македонија, но имаме и многу, многу фолклорен материјал на Македонците од Егејскиот и од Пиринскиот дел на Македонија”, рече Малинов.
Тој додаде дека фолклорот е еден вид на колективна меморија и е длабоко врежан во старите македонски песни во кои се опеани јунаците, комитите. Според него јазикот треба да се негува и чува бидејќи додека живее јазикот, живее и народот.